КСЗД ќе поднесе тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес против МОН

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) на седницата одржана денес одлучила да поднесе тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес против Министерството за образование и наука за необезбедување на учебници по различни предмети во основното образование.

Одлуката доаѓа откако на вчерашната прес-конференција од КСЗД најавија дека по неисполнување на препораката до МОН да обезбеди учебници за сите ученици, е можно да поднесат тужба од јавен интерес кон Министерството кое во случајов, како што кажаа оттаму, дискриминира голема популација.

Од ресорното министерство претходно денес кажаа дека изработката на учебници е комплексен процес што зависи од повеќе фактори, независни од системско влијание како и дека сите активности од нивна надлежност за изработка на учебниците согласно законските и подзаконските акти се започнати и извршувани навремено.

МОН за недостигот на учебници вели дека изработката е комплексен процес

 

По препорака на КСЗД, МОН требало да обезбеди учебници по сите наставни предмети и на сите јазици на кои се извршува наставата во основното образование пред почетокот на учебната 2023/2024 година и за тоа да достави писмено известување до Комисијата најдоцна до 31 август 2023 година.

Комисијата вчера соопшти дека од вкупно 126 учебници потребни за сите задолжителни и изборни предмети во деветгодишното основно образование, на почетокот на училишната година, МОН не обезбедило 43 учебници, односно недостигаат 34% учебници.

Оваа учебна година со комплет учебници по сите предмети согласно новата Концепција за основно образование ја започнаа само учениците од прво и второ одделение. Третодделенците и шестодделенците пак за годинава немаат ниту еден учебник и како што рекоа од МОН ќе учат од електронски помошни материјали.

КСЗД: Недостигаат 43 учебници по различни предмети во основното образование