Најмалку седум загинати во поплавите кои ги зафатија Грција, Бугарија и Турција

Пороен дожд предизвика огромни поплави во југоисточна Европа и принуди евакуација на локално население и туристи.

Жестоките бури вчера ги зафатија Грција, Турција и Бугарија, а во поплавите загинаа најмалку седум лица.

Во Грција полицијата забрани сообраќај во централниот град Волос, планинскиот регион Пилион и популарната туристичка дестинација, островот Скијатос, откако рекордна количина дожд предизвика големи поплави низ улиците кои дури носеа и автомобили со себе. Противпожарните служби информираа дека едно лице загинало во близина на Волос кога врз него паднал ѕид, додека пет лица се водат за исчезнати и се стравува дека тие биле однесени од водата.


Властите испратија предупредувања преку мобилните телефони во неколку други места во централна Грција, на групата острови Споради и на островот Евија, предупредувајќи ги луѓето да го лимитираат движењето на отворен простор.

Метеоролошката служба на Грција соопшти дека во село во регионот Пилион наврнало 75,5 сантиметри дожд доцна синоќа, што е далеку над досегашниот рекорд од 2006 година. Од службата додаваат дека просечната годишна количина на дожд во регионот на Атина изнесува околу 40 сантиметри.

Министерот за климатска криза и граѓанска заштита, Василис Кикилиас, изјави дека поројниот дожд се очекува да се смири во текот на денешниот ден.

Бурата доаѓа по периодот на многубројни пожари кои ја погодија земјата изминативе неколку недели кои уништија огромни површини шума и земјоделско земјиште. Повеќе од 20 луѓе загинаа во пожарите.

Во Турција, во најголемиот град Истанбул, поројниот дожд ги поплави улиците и домовите во два кварта и регистрирани се две жртви. Десетици луѓе биле спасени откако биле заглавени во библиотека, додека некои метро станици беа затворени.

Турскиот министер за внатрешни работи, Али Јерликаја, изјави дека по поројниот дожд се трага по четири исчезнати лица во камп во провинцијата Киркларели на границата со Бугарија. Тој информираше дека во кампот имало 12 туристи кога надошла водата.

Две лица загинаа и во Бугарија, додека три луѓе се водат за исчезнати откако поплави го зафатија јужниот дел на брегот на Црното Море. Реките кои излегоа од нивните корита предизвикаа голема штета на патиштата и мостовите. Во неколку места беше прекината и струјата, а властите ги предупредија граѓаните да не пијат вода од чешмите поради опасност од контаминација на водоводите поради поплавите.

На видео снимки можеа да се видат автомобили и камп приколки кои се носени од водата кон морето во најпогодениот град Царево. Властите прогласија вонредна состојба во градот и наредија луѓето да се сместат на повисоките спратови на зградите или хотелите кои се наоѓаат во погодените подрачја.