Шест големи американски технолошки компании побараа од Конгресот да врши поголема контрола врз Агенцијата за национална безбедност, задолжена да ги следи комуникациите и воедно побараа поголема транспарентност при нејзиното работење и поголема заштита на приватноста.
Сериозни проблеми се појавија во САД и во странство во врска со неодамнешните откритија за следење, забележуваат Гугл , Епл , Мајкрософт , Фејсбук , Јаху и АОЛ во писмото испратено вчера до комисиите за правда во Претставничкиот дом и Сенатот.
Обвинети дека дале илјадници електронски податоци за интернет корисници, Гугл, Јаху и Фејсбук дури мораа да се обратат до правосудството за да можат да кажат повеќе за барањата за обезбедување на информации што ги добиваат од американските власти.
„Поголемата транспарентност ќе овозможи да бидат соборени неоснованите обвинувања дека разузнавачките агенции имаат директен пристап до нашите сервери или дека ние учествуваме во операции за масовно собирање на податоци на интернет“, се наведува во писмото од компаниите.
Писмото се појавува неколку дена по новите сознанија за пресретнати податоци на стотици милиони корисници на Гугл и Јаху надвор од САД преку оптичките кабли кои се користат од Интернет гигантите.
Јаху и Гугл изразија незадоволство од новите откритија, уверувајќи дека не се вмешани во пресретнувањето на комуникациите.