Mанифестацијата „100 000 поети за промена“, во соработка со здружението „Контекст – Струмица“ распишува поетски конкурс за овогодинешното 13. издание на Фестивалот.
„Поезијата со која ќе може да конкурираат автори од сите генерации треба да биде социјално ангажирана и да разработува теми кои се поврзани со промените, глобално, но и локално“, информираат организаторите.
Секој автор може да учествува со по една песна. Песните треба да се испраќаат на Фејсбук профилот на оваа манифестација или на poetizapromena@gmail.com најдоцна до 20 септември 2023 година. Песните потоа ќе бидат разгледани од комисијата којашто ја одредува организацискиот одбор на манифестацијата и здружението и потоа селектираните автори ќе бидат застапени во зборникот „100 Илјади поети за промена“ – Македонија, кој ќе биде издаден како дел од оваа манифестација.
Сите останати пристигнати песни ќе бидат објавени на официјалниот сајт на „100 Илјади поети за промена“.
Mанифестацијата распишува и конкурс за дизајнерско решение на постери/плакати кои ќе бидат дел од групна изложба во рамки на фестивалот. Како што се вели во соопштението, тие тематски можат да бидат насочени кон глобалните промени, литературата, одржливиот развој, мирот.
Дизајнерските решенија може да се испраќаат на poetizapromena@gmail.com или на Фејсбук профилот на манифестацијата најдоцна до 25 септември 2023 година, по што ќе бидат разгледани од комисијата којашто ја одредуваат организацискиот одбор на манифестацијата и здружението.
Пристигнатите дела ќе бидат изложени за време на изложбата која е дел од манифестацијата „100 Илјади поети за промена“, на 30 септември 2023 година во Струмица.