Петтото издание на ФРИК Фестивалот започнува вечерва во Младинскиот културен центар во 20:00 часот, со последното остварување на Тома Димовски, звучната склуптура „Звучните играчки на Тома Димовски и неговите пријатели“.
Инсталацијата на Тома Димовски е поинаква затоа што вклучува еден удирачки инструмент т.е. ксилофон со поголеми димензии. На инструментот свират еден или повеќе музичари во сооднос со други музичари и инструменти (гитара, хармоника, перкусии и друго). Настанот е своевиден перформанс, т.н. jam session каде учество ќе земат: Јордан Костов-хармоника, Бојан Иванов-гитара и Костас Теодору-перкусии
По овој перформанс, во Фоајето на Кино Фросина во 21: 00 часот ќе се отвори Изложба на фотографии на Ема Сабо „Hide.Me.Somewhere.Safe“.
Проектот Hide.Me.Somewhere.Safe е започнат во 2012-та година како реакција на моменталната културно-политичка клима во Белград. Инспирирана од текстот на песната на Robert Wyatt „Free Will and Testament“, во својата работа Ема се занимава со поимите на идентитет, припадност и конечност, преиспитувајќи ја сопствената позиција на уметник во почетокот на кариерата во сооднос со современиот културно-политички тек во Србија.
Во Фоајето пред Кино Фросина на вториот спрат во 21:30 ќе се одржи концертен настап на три македонски бенда, Eclectic, Fusnota и Project 2501.
Организаторите на фестивалот најавуваат богата програма со бројни уметници кои самоиницијативно и ентузијастички се вклучуваат, да говорат и да споделат дел од своето парче во мозаикот, наречен град.
„Парче од својот дух, материјализиран во фотографија, аудиовизуелни инсталации, музика…Посебна радост и задоволство е допринесот на децата од колективот Ветерница, чии изработени маски ќе ги откријат нашите крути и неподвижни лица. Тие лица се замрзнати во фотографијата на шармантниот Лука Донини, а рефлексијата од нашиот град низ погледот на Ема Сабо“, се вели во најавата за фестивалот.
На 07 ноември во Автономниот културно социјален центар (зграда Железничарска) во 20:00 часот посетителите ќе имаат можност да ја видат инсталацијата на Лука Донини кој е прв пат во Скопје и доаѓа со идеја да пронајде во овој град место за инсталација на CORPUSTRIP. Истовремено ќе биде презентирано неговото последно видео остварување Walking 45’ и инсталација на CORPUSTRIP, како поддршка и придонес за идниот развој на ваков тип простори во Скопје, во кои ќе се негува автономна критичка мисла и уметност.
Последната вечер од фестивалот (08 ноември) е закажана детска креативна работилница за правење маски „Погледни си ја маската“, а во Камарите во Дебар Маало во 20:30 ќе се одржи концептуална забава под маски – „No Gender No Stress“.
No Gender No Stress забавите се во организација на Лука Донини. Концептот е започнат уште во далечната 1996 година во Рим, градот на фонтаните, крајот на сите патишта и прибежиште на сите папи. „Затоа понесете ја својата омилена маска, излезете од баналното секојдневние, а оние кои ќе се најдат во теснец со своето време и фантазија, можат да одберат една од маските кои ќе бидат изработени на детската работилница од колективот Ветерница“, се вели во најавата за фестивалот.
Повеќе детали за програмата на ФРИК фестивал 2013 се достапни на следниот линк.