Долгометражниот игран филм „Бизнисот на задоволството“ на режисерот Гоце Цветановски ја доби специјалната филмска награда за граѓански активизам на 20. издание на фестивалот „Сим Фест“ во Романија.
Станува збор за ТВ и филмски фестивал кој истовремено е културен настан и летна школа за новинари, а жири комисијата што ја додели наградата е составена новинари и кинематографери од Романија и од други земји.
„Политичкиот трилер на Цветановски ја следи приказната на новинарка, која опседната со исчезнувањето на нејзината најдобра пријателка, подготвува тајна операција со цел да разоткрие мрежа за трговија со жени. Но, како што нејзините соучесници се приближуваат до шефот, ситуацијата излегува од контрола“, стои во описот за филмот.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски е автор и на сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Фестивалското патување на „Бизнисот на задоволството“ ќе продолжи во Италија кон крајот на октомври, со официјална селекција на 27. издание на фестивалот „International police award arts festival- IPAAF“, а потоа и на Маdrid Film Awards во Шпанија.
Филмот беше премиерно прикажан пред македонската публика на 22. издание на фестивалот на европски филм „Синедејс“ во август. Минатиот месец ја доби и наградата за најдобар долгометражен филм на фестивалот „In The Palace“ во Софија, а признание доби и во Панама на филмскиот фестивал „Canal de Panama International Film Festival“.
„Бизнисот на задоволството“ ќе биде и дел од програмата на овогодишното издание на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола.
Филмот е поддржан од Агенцијата за филм.