[Фото + видео] „Правда за жртвите“ побараа граѓаните на нов протест за скандалот со Клиниката за онкологија

„Убивате за профит“, „Одговорност“, „Одиме до крај“ скандираа денес стотици граѓани кои пред Владата се собраа на вториот масовен протест за скандалите со Клиниката со онкологија.

Со транспаренти „Правда за жртвите“, „Немам врски, немам лек“, „Уапсете го кабелот“, свирежи и извикувања тие побараа одговорност за случувањата на Клиниката за онкологија, откако во јавноста излегоа наводи дека скапите лекови, наместо да им се даваат на пациентите, се препродаваат на црниот пазар.

Зборот „Одговорност“ беше напишан и со големи букви со црвена боја на асфалтот пред Владата, на местото каде на претходниот протест пишуваше „Убијци“. Потоа неколку граѓани дадоа изјави во кои беа споменати и пожарот во модуларната болница во Тетово, автобуската несреќа во Бугарија и случајот со петгодишната Јана Христовска од Битола.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Radio MOF (@radiomof)

„Мајка ми ја изгубиме од канцер во 2020 година, меѓутоа годината претходно, 2019 се лекуваше на Клиниката за онкологија. Иако низ годините како семејство и лично јас имав многу голема можност да ги замразам институциите, нашата земја и едноставно да станам огорчен од нашиот систем. Јас одбирам свесно да ја искористам мојата болка во борба и креативност“, рече актерот и активист од Скопје, Даријан Петров и повика на критика на системот преку активност и делување.

„Да кажеме едно големо не за неправдите на онкологија, не за корумпираноста и големо не за сите идни неправди“, порача Петров.

Друг говорник ги изнесе барањата што ги има инцијативата „Протест против убиството на онкологија“, односно ултиматум за Основното јавно обвинителство да излезе со детали за текот на истрагата во рок од една недела, истрага за инволвираноста на поранешниот министер Венко Филипче и директорот на Клиниката, Нино Васев, проширување на истрагата на работата на Детска онкологија и целосна ревизија на работата на Клиниката за Онкологија.

Последен се обрати граѓанин од Битола кој потсети на случајот со смртта на петгодишната Јана која почина на 22 март откако прими инфузија на Клиничката болница во Битола.

„Ние во случајот со Јана добивме една тешка неправда, нас покрај нестручното работење на докторите и на целиот тим во битолската болница еден месец не можеше да се избори никако од судот на народот“, рече тој и повика на здружување на луѓето.

По говорите пред оградата на владиниот објект беше оставена торба полна со „крвави пари“, а учесниците во протестот на оградата закачија и шишиња физиолошки раствор симболично наполнети со црвена боја.

Толпата граѓани потоа се упати кон зградата на Обвинителството, а поминувајќи по булеварот „Димитрија Чуповски“ фрлаше со јајца кон фасадата на Министерството за правда. Истото се случуваше и пред Обвинителството каде со црвена боја беше напишано „Правда за жртвите“ по што беа запалени свеќи за жртвите што беше проследено со едноминутно молчење.

Пред полицајците што беа наредени околу зградата беа оставени транспарентите и неколку кабли околу кои седнаа граѓаните извикувајќи „Одиме до крај“, „Дојдете со нас“. Потоа учесниците на протестот застанаа еден до друг држејќи се под рака пред полициските сили и ги прашуваа „Кого браните?“. На крајот тие седнаа пред нив, извикуваа „Сендете со нас“, по што беше кажано дека следниот понеделник ќе се организира уште еден протест во исто време на иста локација.

***

Претходниот протест на граѓани за Клиниката за онкологија се случи минатиот понеделник на 4 септември, неколку дена откако Министерството за внатрешни работи изврши претрес таму по насоки на Обвинителството кое отвори предистражна постапка.

Потоа во јавноста се обрати министерот за здравство, Фатмир Меџити, кој рече дека ќе стори сѐ што е во негова моќ да се расчисти случајот, додавајќи дека криминалот мора да има име и презиме, а не сите да се ставаат во ист кош. Изјава даде и Премиерот Димитар Ковачевски кој кажа дека очекува професионална, брза истрага, којашто ќе идентификува поединци кои се огрешиле пред закон и пред етички и морални принципи на докторската фела.

Минатата недела Собранието донесе одлука да формира анкетна комисија за утврдување на одговорност за политичките и здравствените функционери за состојбата на Клиниката. Во Комисијата ќе учествуваат 14 пратеници, од кои шест ќе бидат ВМРО-ДПМНЕ, пет од СДСМ, два од ДУИ и еден од Алијанса за Албанците.

Што се однесува на барањата кои ги постави неформалната иницијатива што е организатор на протестите,  Основното јавно обвинителство денес соопшти дека во истрагата ќе побара од неформалната организација преку која пациентите ги изнесуваат своите барања да избере тројца онколошки пациенти кои во текот на целата постапка ќе имаат директен увид во прибраните докази и во преземените дејствија.

Тројца онколошки пациенти ќе имаат директен увид во постапката на ОЈО

Случувањата со Клиниката за онкологија станаа актуелни во јавноста уште пред девет месеци откако „Слободен печат“ објави дека на Клиниката се крадат скапите лекови кои наместо да им се дадат на пациентите, се препродаваат на црниот пазар. Потоа со серија текстови во „Слободен печат“ беа презентирани информации според кои на досиеја на починати пациенти кои починале во 2014, во 2022 година Клиниката уште фиктивно раздолжува лекови.

Неделникот „Фокус“ минатиот месец објави серија текстови за криминалот со препродавање скапа биолошка терапија на Клиниката за онкологија, која е воведена од 2019. Според изворите на „Фокус“, во оваа шема се вклучени повеќе лекари и медицински персонал на клиниката. Криминалот, како што пишуваше медиумот, е вршен така што во системот се внесувале и блиски роднини на ексменаџментот на клиниката кои не се болни од рак, но лековите што се наменети за нив се препродавале.

Ангела Бошкоска