Три филмови наменети за детската и тинејџерската публика од 13 до 15 септември ќе се прикажуваат во киното „Манаки“ во Битола во рамките на настанот „Кино за деца и млади“.
Првата проекција е закажана за утре (13 септември) во 11 часот со германскиот филм за деца „Рафи“ во режија на Аренд Агте, а потоа ќе има со дискусија за филмот.
„Приказната во оваа детска авантура се одвива околу малиот хрчак по име Рафи, куќно милениче на 8-годишниот Семи и подарок од неговиот татко. Рафи ќе се разболи од срце, ќе го украдат, а неговата потрага набрзо ќе стане одисеја на Семи низ големиот град Хамбург“, се вели во соопштението на организаторите.
На 14 септември ќе биде прикажана швајцарската драма „Фамилија“, во режија на Фред Баилиф, кој се фокусира на проблемите на тинејџерите во дом за згрижување деца во Женева во комбинација со дискусија на тема поврзана со филмот.
На 15 септември е закажана проекцијата на драмата „Семи, Џо и јас“, во режија на Карин Хеберлајн, во која едната од главните улоги ја толкува швајцарската актерка со македонско потекло Јана Секуловска.
Влезот е слободен за сите проекции, а настанот е во организација на продукциската и дистрибутерска куќа „Узенгија“ во соработка со ЈОУ КИЦ Битола и поддршка од Општина Битола.