Актерот Јордан Симонов е добитник на наградата за највисоко актерско остварување „Ристо Шишков“ на 31. Меѓународен фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“.
Како што велат од Македонскиот народен театар, одлуката била едногласно донесена од жири комисијата, а наградата на Симонов му е доделена за улогата на Павле во претставата „Лагата“ од Флоријан Зелер, во режија на Бесфорт Идризи, а во продукција на Македонскиот народен театар од Скопје.
„Јордан Симонов, со внимателно избрани актерски средства, успева да оствари моќна и осмислена улога. Тој покажува особено чувство за партнерска игра и вешто го води ликот, кој во себе крие тајни, од привидна наивност до длабока перфидност. Со својата способност за трансформација, Јордан Симонов доминира на сцената, субверзивно поигрувајќи си со очекувањата на публиката, на работ меѓу комичното и неверојатното, меѓу лагата и вистината“, велат од жири-комисијата која ја сочинуваа Дарја Ризова, Мими Таневска и Иван Додовски.