Во Мобилна/Монтажна галерија во Паркот на Франкофонијата утре (15 септември) од 20 часот ќе биде отворена изложбата „Химна сред урнатини“ на Ѓорги Митревски.
„Објективизацијата и комодификацијата на голото тело во нашата секојдневица станаа толку продорни, што телото сѐ повеќе се сведува на неговата гола сексуалност и претставува само објект на сексуалните желби. Сите ние на еден начин сме ‘претерано’ привикнати на голотијата сеприсутна на социјалните и останатите медиуми. Но дали нашиот однос кон голото тело е навистина таков каков што сметаме?“, стои во најавата.
Изложбата „Химна сред урнатини“ се навраќа кон најстариот ликовен израз на претставување на акт, познат од вазното сликарство на античкиот свет, и не ја прикажува само еротичноста и сексуалноста на телото, туку, по примерот на антиката, го претставува телото како симбол на убавината, благородноста и плодноста.
„Галериската поставка има цел да ги поттикне посетителите да ја преиспитаат својата перцепција на голотијата: галеријата обезбедува засебен простор каде ќе биде овозможено личното искуство на соголување – сите заинтересирани посетители ќе имаат можност пред фотографскиот објектив да артикулираат содржини со своето тело. Единствената полароид копија, секако, ќе биде само за нивните очи“, се вели во најавата за изложбата.
Инаку, Ѓорѓи Митревски се занимава со фотографија, колаж, сито печат и анимација и досега има реализирано повеќе самостојни изложби во Македонија, Босна, Германија, Франција, Кина и САД.
Изложбата е финансиски поддржана од Министерство за култура.