Довчерашната директорка на Филхармонија, Тина Иванова, со писмо до јавноста потврдува дека е разрешена од функцијата директор на оваа институција. Но, вели таа, тоа не е поради несовесно работење, туку затоа што застанала на страната на колективот и на Филхамонија.
„Потсетувам, единствената причина за разрешувањето е фактот што како директорка, на грешната и неодржлива одлука на министерката, застанав на страната на колективот и на страната на институцијата. Разрешена сум вчера, а не пролетоска кога оркестарот на филхармонијата и вработените го изразуваа револтот, затоа што и покрај купот инспекции што министерката наменски и во континуитет се до вчера ги испраќаше во филхармонијата со отворена намера да најде причина за нејзиниот вчерашен чин, инспекциите не беа во можност да и го испорачаат од неа бараниот материјал и истите НЕ утврдија никакви неправилности во моето и работењето на работењето и на институцијата.
Според неа, се ределе трудова инспекција, две вонредни инспекции од Инспекторатот на Министерството за култура, комисија за увид во документација, група на административни службеници, вработени во Министерството за култура, кои станале редовни посетители во нивната институција.
„Се праќаа дури и по неколку пати за да ‘копаат’ работи кои не постојат единствено затоа што немаше, а и се уште нема, храброст да се каже дека ме разрешуваат поради непослушност. Патем, резултатите од инспекциите се јавно достапни документи и секој кој е заинтересиран може да види дека работата е прилично јасна и чиста. Со ова разрешување и со начинот на кој тоа е направено, Министерството за култура, се разбира актуелната министерка, само ми потврди дека во моментот кога како директор на Македонската филхармонија одлучив да застанам на страна на мојот колектив, го направив, вистинскиот потег“, вели Иванова.
Исто така, потенцира дека се’ уште цврсто стои на својот тогашен став и ја потврдува својата поддршка кон оркестарот, колективот, целата институција од каде што всушност, вели таа, на јавен конкурс, била и избрана на одговорната работна работната позиција директор.
„После месеците буквално тортура врз мене и колективот од страна на министерката Бисера Костадиновска Стојчевска, на некој начин разрешувањето ми претставува и растоварување од континуираниот мобинг зашто сите тие притисоци, навреди, обиди за понижувања, се нешто неразбирливо за мојот урбан културолошки карактер.
На новото раководство на Филхармонијата на чело со новоназначениот директор им посакувам успешна сезона, на вработените благодарност за четиригодишната кооперативност и посветеност, на Национален оркестар натамошна афирмација, на директорите на другите културни институции им праќам силна поддршка да истраат во оваа борба со ветерници, затоа што, како што во многу наврати сме дискутирале, ваков пандан на декултурализација на нашата национална култура немало никогаш во поновата историја на Македонија“, стои во реакцијата на Тина Иванова.
Инаку, министерката за култура Бисера Стојчевска Костадинова за Телма потврди дека на местото на разрешената Ивнова за в.д. директор е поставен Даниел Лазаревски.
Според министерката, Комисијата формирана од министерството за култура констатирала повеќе неправилности во работата на Иванова. Разрешени се и членовите на Управниот одбор во институцијата бидејќи не делувале навреме и не укажале за неправилностите во работењето на Иванова.
Повеќе информации од Министерството за култура најавија за денешниот ден.