„ChatGPT“ има способност да дијагностицира пациенти во ургентните центри во иднина, покажа нова пилот-студија која анализираше како овој голем јазичен модел базиран на вештачка интелигенција (ВИ) може да се користи во поддршка на лекарите.
Истражувањето, кое е објавено во списанието Анали на ургентната медицина, открива дека чет-ботот дијагностицирал пациенти на слично ниво како и обучени лекари. Овие сознанија ќе бидат претставени викендов на Европскиот конгрес на ургентна медицина, пишува Еуроњуз.
Истражувачите од холандската Болница „Џероен Бош“ ги внеле забелешките на лекарите, како резултати од прегледите, симптомите и лабораториските резултати, заедно со анонимните информации за околу 30 пациенти во две верзии на „ChatGPT“. Тие утврдиле дека листата на можни дијагнози на лекарите во ургентните центри и оние на чет-ботот се преклопувале во околу 60 проценти.
„Откривме дека „ChatGPT“ имаше добар успех во генерирањето листа на можни дијагнози и при сугерирање на најверојатната опција. Исто така утврдивме и големо преклопување со лекарските листи на можни дијагнози. Едноставно кажано, ова покажува дека „ChatGPT“ можеше да предложи медицински дијагнози слично како што тоа би го направил лекар“, наведува во соопштението авторот на студијата д-р Хиде тен Берг, од одделот за ургентна медицина на Болницата „Џероен Бош“.
Лекарите во ургентните центри ја погодиле точната дијагноза во нивната листа од пет можни дијагнози во 87 проценти од случаите, додека „ChatGPT“ верзијата 3.5 имало точна дијагноза во 97% од случаите, додека верзијата 4.0 имала успех од 87%.
Истражувањето било користено само за тестирање на потенцијалот и оправданоста за користење на ВИ во дијагнозите и не влијаело на пациентите. Сепак, засега оваа технологија нема да може да се користи клинички.
„Еден од проблемите, барем во Европа, е дека законите се многу строги. Овие видови на алатки, не се сметаат за медицински уреди. Па, така, доколку ги користите за да влијаете на грижата за пациентите, користите алатка која не е медицински уред што не е дозволено. Мислам дека доколку сакаме да го користиме, ќе биде потребно да се изменат законите“, објаснува другиот автор на студијата, Стеф Курстјенс, од одделот за клиничка хемија и хематологија на „Џероен Бош“.
Дополнителен проблем е приватноста на податоците на пациентите при користењето на ВИ во здравството. Некои експерти веќе повикуваат властите да се обидат да ги намалат можните ризици преку регулација.
Добрата работа во потенцијалното користење на ВИ во здравството е дека тоа може да им заштеди многу време на лекарите, помагајќи им во дијагнозите и намалувајќи го административниот товар на здравствениот систем, сметаат експертите.
„Како помошна алатка, тоа може да им помогне на лекарите во носењето листа на дијагнози, или пак во предлагање идеи на кои тие не се сетиле, или пак младите лекари кои уште учат. Ова за нив може да биде алатка која ќе ги поддржува во нивната секојдневна грижа за пациентите“, додава Курстјенс.