Охридскиот Регион, со својата исклучителна универзална вредност го задржа престижниот статус на светско наследство, информираа од Министерството за култура за одлуката која вчера беше донесена на 45-тата сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, кој се одржува во Саудиска Арабија.
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска во своето обраќање изрази благодарност што Комитетот ги уважи заедничките напори на Република Северна Македонија и Република Албанија.
„УНЕСКО е драгоцен пријател и на Охридскиот Регион. А во времето што доаѓа, секое пријателство е како бисер. Таков каков што е нашиот Охридски Регион“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Таа нагласи дека експертските тимови на двете држави го изготвија Стратегискиот план за рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот регион со Акциски план, а, како што рече, тоа е значаен чекор во детектирањето и справувањето со факторите кои имаат негативно влијание врз вредностите на регионот, што е позитивно оценето и од страна на Комитетот за светско наследство и нотирано и во вчерашната одлука.
Таа нагласи дека останува добар дел од препораките на реактивните мониторинг мисии и на советодавните мисии што треба заеднички да ги сработат двете страни.
„Останува престижниот статус, но остануваат и препораките за негово зачувување. Препораките не се лесни и нивното реализирање бара наше целосно внимание. За да постигнеме успех во тоа, неопходно е секој да го понесе својот дел од обврските – и централната власт и локалната самоуправа и установите и граѓаните. Впрочем, обврските се точно адресирани. Многу работи од препораките ги имаме почнато, но останува нивната целосна реализација. Треба постојано да го имаме предвид фактот дека нашето непостапување по препораките ќе биде причина за впишување на Охридскиот регион на листата на Светско наследство во опасност“, нагласи Костадиновска-Стојчевска.
Министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, изрази благодарност што Комитетот ги призна напорите направени од Северна Македонија и го обезбеди потребното време за да продолжат чекорите кон заштитата, зачувувањето и одржливото управување со Охридскиот регион.
„Работејќи заедно со Република Албанија, ние сме решени да го направиме управувањето со овој регион пример за соработка, да ги обезбедиме интегритетот и автентичноста на Охридскиот Регион и да го пренесеме на следните генерации. Заштитата на природата и на биодиверзитетот остануваат наша цел, како што е донесувањето Закон за прогласување на Студенчишко Блато за заштитено подрачје во категорија IV – Парк на природата и нов Закон за прогласување на Охридското Езеро за заштитено подрачје во категорија III – Споменик на природата“, нагласи Шукова.
Статусот на Охридскиот регион и неговото ставање на Листата на светско наследство во опасност беше сериозно разгледувано на 44. сесија на Комитетот на УНЕСКО пред две години. Тогаш, поради немање консензус меѓу делегациите, првично беше одложено гласањето со кое Охридскиот регион требаше да се најде на Листата на светско наследство во опасност, а следниот ден текстот на одлуката се ублажи и на македонските власти им беа дадени уште две години рок да ги исполнат препораките.
Активистите тогаш оваа одлука ја карактеризираа како „триумф на политиката врз науката“, и упатија низа критики за неконтролираната урбанизација околу Охридското Езеро.
Наместо само лежење на плажа, на Охрид му треба и одржлив туризам ако сака да лежи под УНЕСКО