Европското регулаторно тело ја казни платформата ТикТок со 345 милиони евра поради тоа што не успеала да ја заштити приватноста на децата. Ова е прв пат популарната апликација за споделување видеа да биде казнета поради кршење на строгите европски прописи за приватност на податоците, пренесува Данас.
Ирската комисија за заштита на податоците, што претставува водечко регулаторно тело за големите технолошки компании со европско седиште во Даблин, соопшти дека го казни ТикТок со 345 милиони евра и ја опомени платформата за прекршувања кои датираат од втората половина на 2020 година.
Истрагата утврди дека процесот за регистрација на платформата за тинејџерите бил таков што нивните профили автоматски биле јавни по регистрацијата, дозволувајќи им на сите да ги гледаат и коментираат нивните видеа. Опциите каде што такво нешто автоматски се одобрува, претставува ризик и за деца под 13-годишна возраст кои добиле пристап до платформата иако тоа не им е дозволено.
Исто така, можноста „семејно поврзување“ направено за родителите да можат да управуваат со опциите не била доволно строга и им овозможува на возрасните да вклучат директни пораки за корисниците на возраст од 16 и 17 години без нивна согласност.
ТикТок преку соопштение наведе дека не се согласува со одлуката, а особено со висината на казната.
Компанијата истакна дека критиките на регулаторното тело се насочени кон одликите и опциите од пред три години. Промените, наводно, биле направени многу време пред да започне истрагата во септември 2021 година, вклучувајќи ги сите профили за тинејџери под 16 години автоматски да се приватни и да се спречат директни пораки до лица на возраст помеѓу 13-15 години.
„Повеќето упатени критики веќе не се релевантни како резултат на мерките воведени на почетокот на 2021 година, неколку месеци пред да започне истрагата“, рече шефицата за приватност на ТикТок за Европа Елејн Фокс.