Во вторник (19 септември) во кино „Фросина“ во Младинскиот културен центар ќе се одржи промоција на збирката филмски рецензии „Видеологија II“ од Златко Ѓелески.
Промотор на збирката ќе биде Лилјана Пандева, а модератор Јулијана Величковска.
„Во ‘Видеологија II’ филмскиот критичар Ѓелески се надоврзува на неговата прва книга филмски рецензии ‘Видеологија’ (2021, ПНВ Публикации) во која ја анализираше филмската индустрија во 2019 и 2020 година, кога филмот не беше поштеден од катастрофалниот удар што го зададе ковид-пандемијата, но, во ова книжевно надополнување, Ѓелески ја презема улогата на хроничар на случувањата и предизвиците со кои беше затекната филмската продукција во светот, а и кај нас, кога беа воспоставени нови протоколи за работа и киносалите беа само делумно отворени за посетителите“, се посочува во најавата за настанот.
Исто така, „Видеологија II“ е збирка филмски есеи и рецензии за домашната и на светската филмска продукција во 2021 и 2022 година и книгата содржи рецензии за над 80 краткометражни и долгометражни филмови од домашната продукција, и играни и документарни, што се снимени последните две години.
„Делот посветен на македонската кинематографија е збогатен со еден сеопфатен и темелен научен есеј посветен на развојот на домашниот хорор-филм, наспроти светските текови на жанровскиот филм, односно, на можноста начелата на жанровскиот филм да бидат засадени и на домашно тло. Во однос на домашните филмови во книгата нема конкретна селекција, вклучени се сите филмови снимени во тој период што авторот Ѓелески успеал да ги изгледа, но книгата прави и една корелација со светската кинематографија, при што авторот прави селекција на четириесет исклучителни и врвни светски филмски остварувања, со високи естетски норми, снимени последните две години, како своевидна паралела меѓу домашната кинематографија и светските филмски трендови. Во ‘Видеологија II’ Ѓелески е хроничар на предизвиците со кои се соочува филмот денес, овозможувајќи македонската продукција да се сфати како вредна и рамноправна со светот“, се додава во најавата.
Ѓелески е писател, филмски, музички и книжевен критичар. Дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ ‒ Скопје при УКИМ. Со филмска критика активно се занимава од 2008 година, како уредник и издавач на списанието „Кошмар“. Дигиталните филмски рецензии ги објавува на веб-страницата „Мувис.мк“, музичките на „Плагијат“, а пишува филмски рецензии објавени во печатена форма во: „Граѓански“, „Кинопис“, „Филм +“, „Филмски печат“ и во други магазини и дневни весници.
Од 2011 година до денес е водител на филмската радиоемисија „Дансе Макабре“, која брои 14 сезони на радио „Канал 103“, како и специјализираната емисија за ТВ-серии „ТВ 103“ од 2020 година, која брои четири сезони. Добитник е на наградата за најдобра филмска критика на 12-тото издание на филмскиот фестивал „Синедејс“ во 2013 година. Режисер е на краткометражните филмови „Од другата страна“, „Мемоари“ и „Слобода“, асистент е во пост-продукција на „Центроид“, организатор на ревијата на хорор-филмови „Мрак Фест“, одговорен е и за музичките изданија на „Мрак“. Беше член на жири-комисии на филмските фестивали: „Синедејс“, „Македокс“, „Филмај“, „Мобил фестивал“, „Филозофски филмски фестивал“ и „Флипбук филм фестивал“. Во 2017 и 2018 година е водител на јутјуб емисиите „Видеологија“ и „Ревизија“, а организира и мултимедијални забави со „Доминион евентс“.
Има објавено три збирки раскази: „Морбидизам“ во 2013 година, „Колекционерот на страв“ во 2015 година и „Понор“ во 2019 година, а секоја година неговите раскази се преведуваат и се објавуваат на српски јазик, во неколку балкански антологии.
Во 2021 година беше објавена неговата четврта книга, односно првата збирка филмски есеи и рецензии „Видеологија“, а во 2022 г. ја објави неговата збирка разговори со домашни режисери „Мастерклас“. Расказите му се наградени и на неколку натпреварувачки конкурси во државата и објавени во различни спијанија и збирки, дигитални и печатени.