Министерството за образование и наука (МОН) соопшти дека се завршени градежните активности во 40 училишта низ земјава, каде во текот на летниот период се работеше на подобрување на санитетско – хигиенските услови и на пристапноста за учениците и лицата со попреченост.
Оттаму велат дека во најголем дел од објектите кои беа опфатени, се изградиле пристапни рампи и се адаптирале тоалети за ученици со посебни потреби. Некаде пак, се реконструираа постојните тоалети, подовите и воопшто внатрешноста на објектите, вклучително и училниците.
„Овие училишта се дел од поширок план за унапредување на условите за следење на наставата и за подобрување на пристапноста во вкупно 118 училишни објекти, за што обезбеден е буџет во рамки на проектот за унапредување на основното образование, кој се финансира со средства од Светска банка. Активностите до целосна реализација на инвестицискиот план ќе продолжат следната календарска година, со рамномерен опфат на училишта од сите општини во државата“, информираа од МОН.
Од Министерството велат дека подобрувањето на инфраструктурните услови, заедно со замената на наставните програми и набавката на нови учебници, како и повисоки плати за наставниот кадар се дел од поголема стратегија на МОН за унапредување на квалитетот на основното и средното образование.
Фотографии: МОН