Во пресрет на почеток на академската 2023/2024 година, Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје (ЈСП) потсетува дека право на годишен билет за бесплатно користење на јавен превоз имаат сите редовни студенти на некој од државните факултети во Скопје на додипломски студии, без ограничување на возраста.
Процедурата за обезбедување на посочениот тип на билет се врши во некој од седумте центри за персонализација на ЈСП Скопје, со лично присуство на студентот.
Потребни документи се потврда за редовен студент (не постара од еден месец), оригинал индекс и лична карта на увид и 200 денари (еднократен надомест) за изработка на електронска персонализирана картичка – „Скопска“.
„На бруцошите билетот автоматски им важи до истекот на наредната календарска година (2024 год).
Студентскиот годишен билет за бесплатен превоз важи за неограничен број возења за сите линии (градски и приградски), но не и за превоз во ноќна тарифа“, информираат од ЈСП Скопје.
За дополнителни информации, студентите можат да се обратат на 02-3171-881, во Одделение за продажба при ЈСП Скопје, како и на Фејсбук страната на претпријатието facebook.com/jspskopjee.
Од Претпријатието потсетуваат дека единствено „Скопска“ со соодветниот билет е единствен валиден документ за бесплатно користење на јавен превоз од страна на студентите кои ги исполнуваат условите за студентски годишен билет и притоа не се признаваат индекс, потврда за редовен студент и слично.