Зелен институт денеска соопшти дека е формирано работно тело за измени на Законот за урбано зеленило во кое ќе учествуваат експерти, еко-активисти и претставниците на институциите.
На првиот состанок на телото, присутните дале поддршка за предложените законски измени, за да се спречи уништувањето на градското зеленило со урбаната експанзија и непочитувањето на законите. Ваквите измени добиле поддршка и од претставниците на Интерпартиската парламентарна група за заштита на природата и борба против загадувањето и климатските промени, со кои се одржал состанок пред неколку дена во Собранието.
Предлог-измените на законот беа претставени од тим од проектот „Повеќе зеленило за отпорно Скопје“, што го води Зелен институт, во соработка со Градот Скопје, Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“, а во партнерство со Флорозон и Македонско женско лоби, како дел од климатскиот проект на Еко-свест финансиран од Шведска.
„Беа претставени барањата за измена на Законот за урбано зеленило, донесен во 2018 и усогласување со Законот за урбанистичко планирање, со Законот за градење и со Законот за прекршоци. Се бара усогласување на видовите урбанистички планови и планско-проектна документација според важечкиот Закон за урбанистичко планирање од 2020; усогласување на класите на намени на зеленило и зелена инфраструктура според важечкиот Правилник за урбанистичко планирање од 2020 и дефинирање на категориите на урбано зеленило според пешачкото растојание од домот и достапната површина; зголемување на нормативите за зеленило во м2/жител на ниво на град и минимален процент на градежна парцела, според новите европски трендови за зелена инфраструктура и одговор на климатските промени; утврдување на минимален процент на озеленетост на градежна парцела според класа на намени; допрецизирање на начинот на одржување на зеленилото; воспоставување обврска за ангажирање стручни лица (шумарски инженери, пејзажни архитекти) при планирање, проектирање, подигање, одржување и заштита на зеленилото; измени на казнените одредби заради усогласување со Законот за прекршоци од 2019 и зајакнато санкционирање на институциите кои не ги испочитувале законските одредби за минимум зеленило, не донеле стратешки документи за зеленило, не изработиле зелен катастар, издале градежни дозволи без минимален процент зеленило, уништиле зеленило и др.; допрецизирање на Правилникот за урбано зеленило според законските измени; дополнување на Законот за градење заради усогласување и обврска да не се издава градежна дозвола без исполета норма за зеленило“, посочија од Зелен институт.
Ваквите предлози, како што велат оттаму, произлегле од анализата на законите, во која биле вклучени архитекти и урбанисти, шумарски инженери, правници и граѓански активисти.