Трет понеделник по ред пред објектот на Владата и потоа пред Основното јавно обвинителство се случуваше протест против скандалите со Онкологија, но и против случајот со модуларната болница во Тетово и спорните измени во Кривичниот законик.
Протестот стартуваше во 18 часот на „Илинденска“ пред Влада. Насобраните граѓани викаа „Убијци“, „Монструми“, „Оставка“ и побараа правда за жртвите на Клиниката за Онкологија. Притоа со црвена крвава боја беа обоени и запалени слики со ликовите на екс директорот на Онкологија Нино Васев, бившиот министер за здравство Венко Филипче и јавниот обвинител Љубомир Јовески.
Се случи и мини перформанс. Двајца граѓани излегоа со бели медицински мантили и маски со Филипче и Васев, а други им ги боеја во црвено и им лепеа пари на облеките.
Меѓувремено, на оградата пред владиниот објект беа залепени слики и цитати од жртвите на Онкологија.
View this post on Instagram
Организаторите рекоа дека се револтирани од сиот криминал што се толерирал на Клиниката, но и во целиот здравствен и политички систем. Оттука, посочија дека нема да има социјална правда дур не се понесе одговорност за згаснувањето на животите како резултат на корупцијата.
„Како што изминува времето очигледно е дека во ова криминално здружување не биле вмешани луѓе само од сите ешалони на Клиниката, туку свое учество имаа и од Министерството за здравство. Додека нашите најблиски и најмили, нашите татковци и синови, нашите пријатели се борат со безмилосната дијагноза, тие бесрамно ги крадеа и продаваа скапите лекови на црниот пазар. Како не им срам! Оваа брутална шема трае со години. Шема поради која многу луѓе немаа пристап до соодветна здравствена нега, која сите ние ја плаќаме. Едни беа турнати во најтешката судбина, додека други беа изложени на лажни лекови кои не им помагаа“, рече Александар Панајотов пред присутните.
Според него, целото општество е заложник на корупцијата и криминалот на поединечни криминални групации со амбиции за профит по секоја цена.
„Затоа, онаму каде треба да добиваме нега, таму сме најранливи. Ја паметиме бидејќи одбиваме да заборавиме на нашите 14 сограѓани кои ги загубивме во пожарот во модуларната болница во Тетово. Нема да ги заборавиме бидејќи тие станаа жртви на криминалот и корупцијата и нивните животи згаснаа за неправедно. Тие, заслужуваат правда и поднесување одговорност“, нагласи тој.
Исто така, Панајотов потсети дека кога завршиле со минатонеделниот протест, во Собранието се случија измените во Кривичниот законик, со што значително се намалуваат казните за злосторничко здружување и злоупотреба на овластувањата.
„Вака ли ја замислуваат правдата?! Тоа не е ништо друго освен обид да се аболицираат спрегите помеѓу политиката и криминалот и да се избегне правдата. Ние како граѓани не смееме да останеме неми кон овој обид за воведување тиранија над нашите животи“, нагласи тој.
Спорните измени во Кривичниот законик беа причината на антивладиниот протест да се приклучат и студенти од Правниот факултет „Јустинијан Први“ од УКИМ. Нивниот претставник Лазар Симонов рече дека сведочат како континуирано се уништува правениот систем.
„Како правото во нашата држава стана алатка на богатите и начин да се злоупотребува, а на граѓаните им е преку глава и го изразуваат преку протест. Студентите се денеска да го изразат тоа. Злоупотребата на европското знаменце не е убава, не треба ова да се случува. Ние сме дел од Европа и треба да го следиме и доближуваме до европското законодавство. Но, на овој начин користење на европското знаменце – не одговара. Драстичното намалување на казните за злосторничко здружување и кривичните дела извршени во службена должност од нашето осамостојување се се’ почести. Тоа – не одговара“, нагласи студентот Симонов.
Демонстрантите од Влада потоа се упатија по булеварот „ВМРО“, улицата „Даме Груев“, а поминаа и преку „Рекорд“ во централното подрачје, каде повикуваа на минувачите да им се приклучат.
„Дојдете со нас“, ечеше низ центарот на Скопје.
Протестот заврши пред Основното јавно обвинителство (ОЈО). Таму граѓани запалија свеќи за жртвите на Онкологија и во пожарот на модуларната болница. Свеќите ги оставија пред ОЈО. Дел од демонстантите фрлаа и јајца кон објектот.
Организаторите веќе посочија: бараат истрага за инволвираноста на Филипче и директорот Васев, но и проширување на истрагата на работата на Детска онкологија.
Потоа, целосна ревизија на работата на Клиниката за Онкологија, правосилни судски пресуди за сите инволвирани во случајот, а, исто така – одговорност на Обвинителството, кое, како што рекоа, одлучи да нема кривичо дела во трагичниот случај со малата Јана од Битола. Најавија нови протести и можност и за блокирање институции доколку нема конкретни резултати од истрагите.
Бојан Шашевски