Скопје, по терк на Берлин, Париз, Атина и Софија конечно ќе добие Автономен културно социјален центар. Филмски проекции, поетски читања, истражувачки проекти, јавни дебати, изложби, уметнички перформанси, работилници за деца, готвење, размена на литература, независен театар…сите овие настани и иницијативи за послободно, похумано и покреативно општество ќе бидат дел од центарот.
Зад АКСЦ стои група на луѓе од сите возрасти со доста различни биографии кои ја препознале потребата за еден ваков отворен простор. Ентузијастите вклучени во иницијативата велат дека центарот ќе работи без профит и целосно волонтерски, без авторитети и хиерархија, со хоризонтална структура и според принципите на рамноправност, директна демократија, доверба, солидарност и заемно помагање.
Активистите се чини дека го направија невозможното и волонтерски со недели самите работеа на средување на просторот. Фарбање, реновирање, чистење, собирање пари за кирија од свој џеб, одење од продавница на продавница да бараат боја, стиропор и други материјали потребни за центарот – сево ова беа само мал дел од активностите кои им го преокупираа времето во изминатиот период.
Иво Бару, еден од ентузијастите кој е дел од работата на центарот за Радио МОФ вели дека АКСЦ ќе биде место кое треба да ја промовира и шири солидарноста на сите начини. Од учество на секој кој сака да помогне во акциите за средување на просторот, до начинот на финансирање преку донации и фандрејзинг акции.
„Направивме акција за собирање на основните работи потребни за средување на просторот. Бидејќи немавме доволно пари, а ни требаа поликолор, мрсни бои, стиропори и сл. се решивме на еден навидум едноставен подвиг. Да одиме од продавниче на продавниче, од магацин на магацин во потрага по донации. Кој колку може, кофа, четка, канта, било што… Од Ѓорче, преку Чаир, до Автокоманда, влегувавме во дуќани и баравме донации. Пред секој дуќан пет пати се премислуваш, зашто не е лесно да му влезеш на некој туку-така, а знаеш дека и него парите не му се префрлаат и да му објасниш накратко што е работата и да те сфати дека ова е инвестиција во општото добро. Скоро секаде каде што дојдовме до газдите успехот беше скоро стопостотен. Очи во очи. Од човек на човек. Без барања или формалности. Без очекувања за контра-услуга. Донации со алал“, вели Бару.
Групата активисти и уметници кои веруваат и се борат за послободно, похумано и покреативно општество велат дека во центарот се добредојдени сите луге, ниски и високи, слаби и дебели, со коса или без неа, со широко отворени очи, флексибилен ум и големо срце, без партиски книшки и без идеја за профит.
Новинарката Ана Јовковска, која исто така беше дел од тимот кој напорно работеше на реновирањето на просторот на АКСЦ, за Радио МОФ вели дека културно социјалниот центар е пријател на сите продуктивни идеи и вредности, на различни политички и идеолошки ставови, на послабите и маргинализираните, на борбата за човекови права и борбата за подобро и поправедно општество.
„Сепак тој ќе биде државен непријател број еден на политичката манипулација, на расизмот, национализмот, хомофобијата, сексизмот, етикетирањето, медиумското спинување, лагите, верската нетолеранција и секој вид на насилство. АКСЦ ќе работи без профит. Партизански, волонтерски, ентузијастички. Без пари, ама со срце! Центарот е отворен за сите грагани и секој има право да предложува идеи. Функционираме без авторитети и хиерархија, по хоризонтална основа и според принципите на еднаквост, директна демократија, доверба, солидарност и заемно помагање“, вели Јовковска.
Таа додава дека идејата за АКСЦ се крчкала одамна. „Жедни за алтернативен простор за независната култура, како и од потребата од еден креативен отпор на системот и формите на политичка и економска моќ, решивме да изградиме една слободна зона за критичко размислување, дебатирање и активизам“, вели Јовковска.
Моделот за опстанок на овој креативен, активистички простор е самоорганизација, самоодржливост и солидарност. Според активистите, солидарноста, за која многумина велат дека е се поретка во нашето општество, во случајот на АКСЦ и почетоците на уредувањето на просторот се покажа како особина која се уште е длабоко всадена во свеста на луѓето.
Благодарение на солидарноста и помошта на луѓе кои не се вклучени во АКСЦ и нивните донации, просторот почна да го добива ликот на еден центар кој ке почне да ја разбудува заспаната активистичка сцена во Скопје, велат тие.
Првиот настан кој ќе се одржи во АКСЦ ќе биде дел од ФРИК фестивалот кој ќе се одржи неделава. Во четврток во 20:00 часот во овој нов градски простор посетителите ќе може да ја видат Амбиенталната инсталација „Персонална утопија“ на Тони Димитров.
Сите оние кои сакаат да се вклучат во помагањето на центарот или пак да дознаат повеќе информации за него, може да ја посетат Фејсбук страницата на АКСЦ како и да ги најдат на Твитер (@AKSC2).
Кристина Озимец