Седумдесет филмски режисери и продуценти по вчерашното барање, упатуваат уште едно до Министерството за култура да го повлече предлогот за кратење на средствата за филмска дејност во тековната 2023 година и да овозможи користење на средствата од посебната сметка на Агенцијата.
„Благодарност до Министерството за култура за брзата реакција. Со овој обид за демант и официјално се потврдија нашите информации дека е предвидено кратење на средства од буџетот за филмска дејност на Агенцијата за филм. Министерството изјавува дека наводно за финансиските средства кои сега ќе ги земе од Агенцијата за филм ќе преземе активности да ги врати до крајот на годината. Затоа уште еднаш нагласуваме дека средствата предвидени во буџетот за 2023 година ни се потребни веднаш и сега, а не во декември, уште помалку следната година“, се вели во писмото кое пристигна до медиумите.
Режисерите и продуцентите посочуваат дека проектите кои се веќе во реализација и оние чие снимање е предвидено да започне овој период не може да го чекаат евентуалното враќање на одземените средства на крајот од годината.
„На тој начин, колегите кои ги водат и се ангажирани на овие проекти ќе бидат во неизвесност дали и кога ќе ги добијат финансиските средства. Постојат трошоци за непречена реализација на филмовите кои мораат да бидат исплатени во текот на снимањето. Без прецизна и навремена динамика на исплата на ваквите трошоци не може да се одвива снимањето на било кој филмски проект насекаде во светот. Дополнително потсетуваме, филмските работници живеат единствено од хонорари, никаде не се вработени и не примаат плата“, децидни се тие.
По вчерашното јавно обраќање на педесетина филмски режисери и продуценти до Министерството за култура за кратењето на буџетот за филмската дејност, од Министерството кажаа дека нема да има кратење.
„Во моментов во собраниска процедура е донесување на одлука за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници и фондовите. По нејзино усвојување, Министерството за култура до крајот на буџетската година ќе ги преземе сите активности за исплата на обврските согласно склучените договори, меѓу кои и кон Агенцијата за филм. Развојот на македонската филмска дејност во време кога македонските филмови и особено младите режисери остваруваат големи меѓународни успеси е еден од приоритетите на Министерството за култура“, соопштија од Министерството.
На демантот на Министерството одговорија од Агенцијата за филм со став дека средствата за актуелните и другите проекти се потребни веднаш и не може да чекаат на прераспределба меѓу буџетските корисници и активностите на Министерството за култура за исплата на проектите до крајот на годината.
„Агенцијата за филм на Северна Македонија со ова соопштение и со сите дејствија кои ги презема и предлага заедно со Министерството за култура да се изнајде трајно решение за да се спречи трендот на кратење на буџетот за филмска дејност поради кој тренд во последните четири години буџетот за филмската дејност по основ на ребаланс и е намален за 116.000.000,00 (сто шеснаесет милиони) денари и со тоа да изнајдеме системско решение за стандардизиран буџет за Македонската кинематографија“, предложија оттаму.
На ваква средба повикуваат и режисерите и продуцентите.
„Упатуваме барање до Министерството за култура и Агенцијата за филм за заедничка средба која треба да се одржи што поскоро, на која ќе се стават на маса сите актуелни прашања и ќе се разговара за правилно проектирање на буџетот за 2024 година, со што ќе се овозможи македонската кинематографија да застане цврство на нозе и да чекори непречено кон нови успеси“, велат тие.
Потписници на овие две барања се Тамара Котевска – режисер, Теона Митевска – режисер, Ѓорче Ставрески – режисер, Даријан Пејовски – режисер, Вардан Тозија – режисер, Дина Дума – режисер, Марија Апчевска – режисер, Горан Столевски – режисер, Митко Панов – режисер, Игор Иванов – режисер, Петра Селишкар – режисер и продуцент, Георги Унковски – режисер, Андреј Волкашин – режисер, Срѓан Јанакиевиќ – режисер, Игор Алексов – режисер, Иван Ивановски – режисер, Елеонора Венинова – режисер, Николче Поповски – режисер, Трифун Ситниковски – режисер, Лидија Мојсовска – режисер, Марко Ѓоковик – режисер, Васил Христов – режисер, Кристијан Ристевски – режисер и продуцент, Димитар Оровчанец – режисер, Кастриот Абдили – режисер и продуцент, Гоце Цветановски – режисер, Батухан Ибрахим – режисер, Маријан Гавриловски – режисер, Ромир Јакупи – режисер, Ибрахим Деари – режисер, Мирсад Абази – режисер и актер, Авдиљ Тачи – режисер и монтажер, Фисник Исмаили – режисер и кинематографер, Андреј Георгиев – режисер, Гоце Трајковски – режисер, Алекс Цветков – режисер, Косара Митиќ – режисер, Ана Јакимска – режисер, Владимир Митревски – режисер, Илија Пиперковски – режисер, Стојан Вуисиќ – режисер, Саша Станишиќ – режисер, Лабина Митевска – продуцент, Марија Димитрова – продуцент, Томи Салковски – продуцент, Роберт Насков – продуцент, Владимир Анастасов – продуцент, Ангела Несторовска – продуцент, Дејан Илиев – продуцент, Иван Унковски – продуцент, Ивана Шекутковска – продуцент, Елена Станишева – продуцент, Јорданчо Петковски – продуцент, Сашо Пешев – продуцент, Илија Циривири – продуцент, Сара Ферро – продуцент, Владимир Стојчевски – продуцент, Дарко Попов – продуцент, Огнен Антов – продуцент, Гоце Кралевски – продуцент, Атанас Георгиев – продуцент и режисер, Роберт Јазаџиски – продуцент, Дејан Крајчевски – продуцент, Бунјамин Куртиши – продуцент, Душан Ефремов – продуцент, Иво Антов – продуцент, Сашо Павловски – продуцент и режисер, Бранд Ферро – продуцент и кинематографер, Илија Тирицовски – продуцент и Горан Стоиљковиќ – продуцент.