„Кажи со раце“ – интерактивен младински настан на 23 септември за одбележување на Денот на знаковниот јазик

Младински образовен форум (МОФ) и Здружението на глуви и наглуви „Млад знак“ ги покануваат сите млади на „Кажи со раце“ – интерактивен младински настан за одбележување на Меѓународниот ден на знаковниот јазик.

Настанот ќе се одржи на 23 септември 2023 година (сабота), во 17 часот, во Паркот на франкофонија во Скопје, пред Мобилната галерија.

„Дојди и помогни ни да ја истакнеме убавината на македонскиот знаковен јазик, да ги срушиме бариерите во комуникацијата на знаковен јазик, да ја промовираме моќта на раскажувањето приказни и вклучувањето во активизам!“, велат од МОФ.

„На настанот ќе ја совладаш азбуката на знаковен јазик, ќе научиш да се претставиш и споделиш интересни факти за тебе, и ќе се вклучиш во младинска уметничка акција“, дополнуваат тие.

Програма за настанот:

  • Мојата приказна на знаковен јазик

Младите ќе учествуваат во работилница каде ќе се запознаат со основите на знаковниот јазик – ќе научат да се претстават и да разговараат со своите врсници на знаковен јазик.

  • Младинска акција „Art Sign

Младите ќе создадат уметничко дело кое ќе ја носи пораката „Македонскиот знаковен јазик е единствениот јазик во државата што не е стандардизиран!“ и ќе биде изложено на јавен простор, со цел да се подигне свеста од потребата за стандардизација на македонскиот знаковен јазик.

  • Рацете се мојата азбука

На настанот ќе биде поставена изложба со азбуката на македонскиот знаковен јазик. Присутните на настанот ќе имаат можност да учествуваат во креирањето на видео материјали кои ќе се користат за промоција на македонскиот знаковен јазик.

Настанот се организира со поддршка од Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности.