Гимназијата „Јосип Броз Тито“ од Битола преку нивната Фејсбук страница посочи дека со одлука на наставничкиот совет, сите ученици и наставници треба задолжително да ги оставаат мобилните телефони во кутиите со прегради набавени специјално за таа намена.
Оттаму велат дека има време и за мобилни телефони, но дека на училиште, најважен е часот и предавањето на наставникот.
„Секако дека за време на одморите можат да се користат. Вниманието и вклучувањето во часот се приоритет. Со оваа одлука се надеваме и очекуваме да се подобри вниманието и концентрацијата на часот, да се подобри училишниот успех на учениците но и да се намали употребата и зрачењето на мобилните телефони во секојдневието“, напишаа од гимназијата користејќи го хаштагот #ЧасБезМобилниТелефони.
Радио МОФ претходно пишуваше на темата за мобилни телефони во училиштата.