Колку оброци ќе имаат студентите – МОН и студентските домови со различен одговор

Министерството за образование и наука (МОН) и Државниот студентски дом Скопје (ДСД) имаат различен став за тоа колку оброци ќе има во студентските домови.

Од МОН велат дека ќе продолжи досегашната пракса студентите да добиваат по три оброци дневно, додека ДСД претходно неделава за Радио МОФ информираше дека ќе се придржи на ставот на останатите студентски домови да обезбедува по два оброка дневно – ручек и вечера за студентите.

„ДСД Скопје се придржува кон тој став затоа што студентите добиваат средства по основ на студентски оброк којшто оваа година треба да се користи на дневно ниво, односно им се префрлаат по 140 денари на ден и на студентите сместени во домовите, со што практично се обезбедуваат три оброци“, кажаа оттаму.

Иако ДСД Скопје нагласи дека заедно со останатите студентски домови се во постојана комуникација со Министерството за образование и наука, од МОН одговорија дека нема да се крати појадокот во домовите.

„Ќе продолжат да користат три оброци дневно во домовите“, соопштија кусо од МОН.

Организацијата „Студентски отпор“ реагираше дека укинувањето на појадокот во студентските мензи е скандалозно, како и дека на две недели пред почетокот на новата академска година сѐ уште нема информација на кои места и во кои угостителски објекти ќе можат да се користат наменетите средства за субвенциониран студентски оброк.

„Исто така морам да напоменам дека студентите кои се приматели на семејна пензија, се одбиени за студентски оброк со образложение дека документите се испратени на проверка во МОН. Јас како корисник на минимална семејна пензија сум одбиена и сѐ уште немаме добиено повратен одговор од МОН, на само две недели пред почетокот на новата академска година“, изјави Милица Давчева од „Студентски отпор“.

МОН потврди дека се разгледуваат приговорите на студентите кои се приматели на семејна пензија, и дека сигурно ќе бидат прифатени, но не кажаа кога студентите ќе добијат одговори.

За картичките за студентски оброк, неколку студенти за Радио МОФ изјавија дека при подигање на картичките во банка им соопштуваат дека ќе може да се користат во некои маркети и поголеми продавници за храна.

„Студентски отпор“ во своите барања посочи и дека студентите треба да знаат конкретно каде ќе може да ги користат овие картички. Одговорот што го добивме од МОН е истиот што го има уште од првите најави за воведување на наменски картички за оброк.

„По однос на наменските картички за субвенциониран студентски оброк, истите ќе може да се користат во правни субјекти регистрирани во дејноста за производство, подготовка и продажба на храна“, кажаа и денес од МОН.

Инаку, во понеделникот по реакции на студенти, на средба меѓу претставници од Министерството и ДСД Скопје беше одлучено да се вратат старите цени за месечна станарина во студентските домови. Тогаш од МОН не ни одговорија како ќе се надоместат парите на студентите кои на денот на вселување платиле плус 300 денари за месечна кирија, но одговор дадоа денес.

„Доколку некој има платено повисок износ, истиот ќе му биде анулиран при следно плаќање, за што треба да се обратат до раководството на домот каде е сместен“, велат од таму.

По реакции на студенти, месечната кирија во домовите се враќа на старата цена

Ангела Бошкоска