Инклузивното танц студио „Dancers United“ вчера прослави 10 години од основањето и по тој повод доделува пет стипендии на талентирани танчари.
„Се радувам што од бетон, ‘Dancers United’ прерасна во место кое сега има душа, место каде се танцува, другарува, помага, има и се шири само љубов. Во своето 10-годишно постоење, ‘Dancers United’ успеа да оформи извонреден танчарски кадар. Изминатата деценија во континуитет активно работевме на создавање, промоција и презентација на танцовата уметност кај нас, како и на нејзин пласман на светската танцова сцена. Целото свое знаење и искуство кое успеваме да го пренесме на нашите членови ни возврати со многу државни, европски и светски титули на кои сме посебно горди. Највлијателната одлука која ја донесовме е да ги отвориме вратите за специјалната група наменета за лица со Даунов синдром со што ја остваривме целта, нашиот клуб да биде место за сите“, изјави Сара Кочан, сопственичката на студиото.
Стипендиите комплетно ќе ја покријат целата членарина за следната 2024 година, учество на сите национални натпревари на кои тие се дел, како и меѓународен натпревар кој вклучува котизации, превоз, престој и костими.
Сите кои што се заинтересирани да бидат дел од „Dancers United“ ќе можат да аплицираат до крајот на месец октомври, за што дополнително ќе бидат информирани.
Студиото вчера најави и организација на голем меѓународен танцов натпревар „DIAMOND Dance Competition“ кој ќе се одржи во април следната година.