Организацијата „Македонија 2025“ и Фондацијата „Атанас Близнакоф“ од САД распишаа отворен повик за
доделување на 40 стипендии за талентирани студенти за учебната 2023/2024 година.
Стипендиите се доделуваат на редовни студенти кои ќе се запишат во прва година на прв циклус на студии на сите факултети при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј„ во Скопје. Стипендиите се наменети за ученици кои постигнале исклучителни резултати и успех во средното образование, имаат достигнувања и мотивација за личен и професионален развој, но и кои немаат доволно средства за продолжување на образованието на факултет или област од интерес.
„Висината на стипендијата изнесува 2,500 американски долари годишно, по лице, и претставува највисок фонд за доделување на стипендии во нашата земја. Корисниците на стипендијата кои редовно и со успех ќе напредуваат во студиите можат да ја користат стипендијата сé до завршувањето на студиите од првиот циклус“, се вели во соопштението од организацијата.
Ова е втора година како организацијата „Македонија2025“ го администрира изборот на стипендисти преку програмата „Атанас Близанкоф“ за студентска извонредност. Во 2021 година организацијата беше назначена да го спроведе отворениот повик за стипендирање на 40 средношколци кои започнуваат прва година на студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје за академската 2021/2022 година по што наместо првично планираните 40, „Фондацијата Атанас Близнакоф“ во САД одлучи да додели 132 стипендии за усовршување на студентите.
Основоположник на Фондацијата „Атанас Близнакоф“ бил иселеникот Атанас Близнакоф, роден во 1901 година во костурското село Д’мбени. Во 1920 година го напуштил родниот крај и заминал во САД каде што живеел и работел до 1976 година кога и ја основал Фондацијата.
Краен рок за аплицирање на повикот е 15 октомври 2023 година, а повеќе информации може да се најдат тука.