Франција најави дека ќе бара поддршка од другите ЕУ држави за воведување минимална цена на летови со цел да се намалат јаглеродните емисии од авио-индустријата.
Ова го најави францускиот министер за транспорт, Клемен Бун, кој смета дека во ЕУ треба да се отвори дискусија за „фер социјална и еколошка цена на авионскиот билет“.
Претходно годинава Бун најпрво предложи да се укинат супер-евтините летови.
„Авионски билети за 10 евра повеќе не се возможни“, рече тој додавајќи дека оваа сума не ја рефлектира цената која ја плаќа Планетата.
Во Франција само 2 проценти од луѓето користат половина од сите летови, покажа истражување од климатската група „Можно е“. 15 проценти од Британците користат 70% од летовите, додека 8 проценти од Холанѓаните користат 42 проценти од летовите.
Севкупно, 37% од жителите на Европа никогаш немаат отпатувано надвор од својата држава, судејќи по Европската анкета од 2014 година. Иако оваа статистика директно не е поврзана со авионскиот транспорт, сепак таа дава одреден увид во тоа колку Европејците летаат.
Но, истовремено, европските железнички билети во просек се двојно поскапи од летовите, покажа извештај на Гринпис објавен во јули. Нивното истражување покажа дека само 12 железнички линии биле брзи, редовни и поевтини од летовите во 112 важни дестинации кои ги анализирала организацијата.
Во мај годинава Франција воведе забрана на дел од домашните авионски дестинации кои можат да се заменат со железнички линии за кои е потребно помалку од 2,5 часа за патување. Сепак, поради разни проблеми, како тоа што возовите не сообраќаат доцна во ноќта, оваа забрана се применува само на три дестинации – од аеродромот Орли во Париз до Бордо, Лион и Нант.
Климатските активисти ја критикуваа француската Влада бидејќи оваа забрана не била доволно силна за да се намали загадувањето од авиосообраќајот.
Експертот Џон Ворт смета дека францускиот министер за транспорт повеќе бара реклама, отколку вистинска промена.
„Меѓународниот публицитет за забрана на кратките летови во Франција беше огромен, но бескорисен. Сепак на Макрон му обезбеди добра реклама. Стравувам дека Бун го прави истото, дека вистинската имплементација би имала слично влијание“, тврди експертот.
Тој истовремено вели дека изјавата на Бун во врска со летовите од 10 евра не е точна. Според него минималнта цена на билет во еден правец вклучувајќи ги и даноците се движи помеѓу 40 и 50 евра.
Во Велика Британија со години се дебатира околу „данокот за чести летови“, односно данок кој би се зголемувал според бројот на летови кои би ги имале во текот на годината.
„Првите вакви даноци би биле ниски и би се покачувале со секој нареден лет“, објаснува Ворт.
Францускиот министер бара поддршка од другите ЕУ држави за воведување минимална цена на летови, но засега Франција неиспешно се обидува со оваа идеја да ги придобие другите членки.