Државниот студентски дом (ДСД) Скопје веќе некое време работи на студентска апликација.
Апликацијата ќе овозможи секој студент да има свој дигитален профил. Преку тој профил ќе може да види дали има платено станарина, дали парите се раскнижени, дали должи нешто кон ДСД, а ќе може да види и колку пари има од рециклирање, кои ќе бидат како кеш-бек од тоа што рециклира. Исто така, студентите ќе можат да се најават во менза, за да се знае дали ќе користат оброк.
Ова го вели директорот на ДСД Скопје, Виктор Велевски во интервју на Новинската агенција Мета. Велевски додава дека во моментов наоѓаат начин како да го продолжат проектот за креирање на ветената студентска апликација.
Прашан за процесот на дигитализација на вселување на студентите, тој одговора дека информатичарите не може да ги менаџираат податоците кои Министерството за образование им ги дава бидејќи ДСД нема пристап до системот на МОН
„Од моментот на објава на резултати, веднаш почнуваме со вселување, така што немаме простор списоците кои се вадат во ексел онлајн или на сајтот на МОН, да ги внесеме во тој електронски систем, за да секој може од дома да се најави на веб-страницата и да се всели. Тоа е проблем кој го разгледуваме со МОН и бараме начин како да се реши, за да може да се дигитализира тој процес и да се избегнат тие редици. Сега, студентите доаѓаат во Скопје за само да се вселат и потоа веднаш се враќаат дома оти сега предавања нема. Ако се најде решение да се дигитализира процесот, вселувањето ќе се врши за еден ден, од дома, без да мораат студентите да се изложуваат на трошоци за транспорт“, вели Велевски на прашањето зошто и оваа година имаше големи редици студенти при вселувањето кои чекаа да земат документи.
Целото интервју е достапно тука.