Имал само 16 години кога избегал од Авганистан, заедно со поголема група млади луѓе и поминал низ вистинска голгота, одејќи пеш од држава во држава, а решава да остане во Македонија. Тука, како барател на азил, ова сега 19-годишно момче е под супсидијарна заштита, знае по малку да зборува на македонски и вели дека е задоволен од животот што го има во земјава.
Ова е редок случај бегалец да побара азил во земјава и да му биде одобрена супсидијарна заштита. Познавачите на состојбите коментираат дека најчесто бегалците земјава ја користат како транзит дестинација, за да се упатат кон земјите членки на Европската Унија.
Тоа впрочем го говорат и официјалните податоци на Министерството за внатрешни работи. Па така, во 2021 година во Секторот за азил биле примени вкупно 92 барања за 100 лица, од кои на четири лица им се признал статус на супсидијарна заштита. Во 2022 година 168 лица поднеле барање за признавање право на азил, но Секторот за азил нема донесено решение со кое се признава статус на меѓународна заштита.
Но, и покрај тоа што на прсти се бројат лицата на кои им е одобрен статус на азиланти или се под супсидијарна заштита во земјава, стереотипите и предрасудите за нив и понатаму остануваат, нешто на кое треба повеќе да се поработи во иднина, со оглед на тоа што станува збор за луѓе кои бегаат од војни и страшни животни судбини, не по своја вина, и заслужуваат да бидат прифатени во новото опкружување, без разлика за која држава станува збор.
*Сторијата е изработена во рамките на менторската програма за млади новинари на Младинскиот Образовен Форум во партнерство со УНХЦР, Агенцијата на ОН за бегалци, финансирана со средства на Миграцискиот повеќепартнерски доверителски фонд, во заедничкиот проект имплементиран од УНХЦР и други агенции на ОН. Содржината на сторијата не нужно ги отсликува ставовите на Фондот, УНХЦР и другите агенциите на ОН.