Неделава, француската премиерка го презентираше новиот национален план за борба против врсничкото насилство, според кој, за најсериозните случаи ќе одлучува јавниот обвинител.
Еден месец претходно, министерот за образование, Габриел Атал, воведе декрет според кој врсничките насилници ќе бидат преместени во ново училиште, со што се смени досегашната практика, жртвите да се оние кои го менуваат училиштето.
Со најновиот план, се воведуваат мерки како: одземање на мобилните телефони при радикални случаи, воведување на курсови за емпатија и создавање на тимови кои ќе ги надгледуваат наставниците. Исто така, за најсериозните случаи на врсничко насилство ќе одлучува јавниот обвинител.
Според извештај на Францускиот сенат од 2021 година, помеѓу 800.000 и еден милион од француските ученици се жртви на врсничко насилство. Моментално во Франција регистирани се 12 милиони ученици.
Меѓу новите мерки, министерот за образование предлага учениците под 15 години да користат социјални мрежи само со согласност од родителите или старателите. Понатаму, уште една од воведените мерки е поставување на дигитален „полициски час“, односно определен временски период за користење на социјалните мрежи од страна на малолетниците.
Министерот истакна дека отсега, секој 9 ноември, Националниот ден против насилство, ќе биде искористен за разговори на темата на врсничко насилство низ цела Франција.
Дел од јавноста смета дека мерките не се доволни за спречување на врсничното насилство, а Атал најави и јавна анкета во која учениците ќе можат да укажат на слабостите на новата стратегија.