За илјадници студенти денес стартуваше академската 2023-2024 година. Факултетите на Универзитетите во земјава со свечен настан ги пречекаа бруцошите, а по доделувањето на индекси ги поканија на нивниот прв академски час.
Заедничката аула на Философскиот факултет и Филолошкиот „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје денес беше полна со нови и студенти кои се запознаваа со просториите, кампусот новите колеги и професори.
Ним им се обрати новоназначениот декан на Филолошкиот факултет проф. д-р Владимир Мартиновски кој покрај посакувањето успех ги претстави и новите програми на катедрите. Потоа заедно со деканот на Филозофскиот факултет проф. д-р Ратко Дуев ги доделија индексите на најдобрите 10 студенти запишани во прва година на двата факултета.
Добредојде им посакаа и претседателите на студентските собранија, велејќи дека овие организации се тука за сите студенти, барања, проблеми и потреби.
Полна беше и аулата на Економскиот факултет каде стотици млади годинава ќе ги започнат своите студии.
Радио МОФ го посети и новиот објект и кампус на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје каде академската година започна за 840 нови студенти на додипломски студии. Бројот на студенти, како што рече ректорот проф. д-р Изет Зеќири е пораст за 25 отсто за разлика од лани. Таму беше присутен и министерот за образование и наука, Јетон Шаќири кој рече дека верува дека универзитетот има квалитетен кадар кој ќе помогне во образување на нови генерации студенти.
„Се трудиме да ве поддржиме со бројни категории на стипендии чии износи неодамна значително ги зголемивме, а конкурсот за новата академска година наскоро ќе биде објавен“, рече министерот.
Универзитетот кој е основан пред седум години, годинава се всели во свој објект приспособен за потребите на образовна установа. Стотици студенти денес го посетија кампусот што се протега во кругот на поранешната касарна „Илинден“ каде дел од објектите се адаптирани во универзитетски предавални, а дел од нив сѐ уште се реновираат.
Ангела Бошкоска