Важноста за вметнување на модулите по медиумска писменост на факултетите, следењето на новите комуникации преку алката: наставник – ученик – родител, како и споделени искуства од часови по медиумска писменост за второоделенци, беа дел од фокусот на денешната панел дискусија во „Холидеј ин“. На настанот беа претставени видувања и заклучоци од три наставнички по одделенска настава, воедно и менторки по медиумска писменост за своите колеги во основното образование.
Тие се само три претставнички од групата од 8.500 наставници и наставнички, кои поминале низ обуките за медиумска писменост, а сега работат со своите колеги за полесно воведување на новините во образовниот систем.
Во рамки на панел дискусијата насловена „Вклучување на медиумската писменост во основното образование – искуства и предизвици“ пред јавноста беше споделена и конкретната Рамка за медиумска писменост која ќе се имплементира во основното образование.
Наставничката и менторката за медиумска писменост во ООУ „Имри Елези“, Арта Садику Актеши веќе две години обучува свои колеги по медиумска писменост. Истакна дека на почетокот постоела одредена доза на скептицизам за новините, но набрзо се увиделе недостатоците во знаењата кај образовните работници.
„Сега сме свесни дека прво ние (наставниците и професорите) треба да се обучуваме, па децата. Прво јас медиумски се описменив себеси, па учениците. Треба и родителите. Понекогаш зборот на наставникот е поважен од зборот на родителот. Јас со родителите работам на родителски средби и ги запознавам со методите на медиумската писменост“, вели таа.
На неа се надоврза и Весна Бошковска, наставничка и менторка во ООУ „Кирил Пејчиновиќ, според која, многу е важно и родителите да бидат медиумски писмени, бидејќи за да постои целина во образовниот систем потребна е многу важна алка: наставник – ученик – родител.
„Ако таа алка профункционира, тогаш сево ова е успешно. Многу е важно учениците не само кај нас, во нашите училници да учат, важно е да учат дома со своите родители. Бидејќи доаѓаме до време каде што ни требаат медиумски писмени граѓани. Нашите ученици се иднината на државата, колку се (медиумски) пописмени, толку ќе бидат подобри граѓани на нашето општество“, истакна таа.
Според Садику – Актеши, позитивните страни кај воведувањето на медиумската писменост веќе даваат резултати, па посочи дека преку логиката и критичкото размислување со второоделенците доаѓаат и до општествени активности во кои претходно не се вклучувале, а сега учествуваат.
„Треба да ги научиме и на позитивното. Преку медиумската писменост им покажуваме на децата патот како да направат свој избор“, вели таа.
Актеши – Садику сподели и како изгледаат часовите на кои се изучува медиумската писменост во одделенската настава, посочувајќи дека на еден час, учениците поделени во групи требало да напишат реклами за книга, овошје или зеленчук, притоа учејќи за скриените пораки во рекламните спотови кои секојдневно нѐ преплавуваат.
Бошковска, посочи дека новото време на промени, носи со себе нови начини на истражување и учење.
„Сиве овие новини влегуваат во нашиот образовен систем. Медиумската писменост е една од новините која влезе во образованието и преку обуките кои ние ги следевме како наставници, послужија за ние да држиме обуки на други наставници, колеги, со цел да ги запознаеме со медиумската писменост“, дополни таа.
Бошковска забележа дека од минатата година, преку проектот „Младите размислуваат“ се работи на модули за медиумска писменост кои ќе се воведат во факултетите.
„Се разработуваат модули по предмети како мајчин јазик – македонски, албански, бошњачки. Зошто студентите? Добро е студентите да започнат да ги учат овие модули, да бидат медиумски писмени, да знаат што смеат да споделуваат, а што не. Кога ќе бидат подготвени, како студенти, сите овие новини подобро ќе ги имплементираат кога ќе дојдат како нови наставници“, истакна таа.
Весна Поповска, наставничка во ООУ „Вера Јоциќ“, посочи дека медиумската писменост помага да се дојде до свои заклучоци.
„Учениците доаѓаат до свои заклучоци, а преку дискусијата и до пракса. Тоа е концептот што го бара медиумската писменост. Затоа ние наставниците претходно треба да се обучиме за сите нови промени кои доаѓаат со времето во кое живееме“, изјави таа.
Според неа, исклучително важно е учениците како се однесуваат на интернет, особено во време кога тие постојано се се вклучени во дискусија преку комуникација на интернет, преку нивните уреди, а за тоа е потребно критичкото размислување.
„Секогаш тоа треба да го имаат на ум, како создавачи на некаква порака, дека секој има пристап до интернет и е на социјалните мрежи, е креатор на некаква порака, на некаква медиумска информација. Учениците секогаш треба да имаат на ум како ја гледа нивната порака тој од другата страна, и како ќе ја разбере пораката која тие ќе ја испратат“, посочи таа.
На дискусијата претходеше презентација на Рамката за медиумска писменост во основното образование, од страна на универзитетската професорка Виолета Петроска-Бешка, претставничка на работната група.
Панел дискусијата беше отворена со обраќања на Дон Кармин, директорка на канцеларијата за општ развој на УСАИД и министерот за образование и наука, Јетон Шаќири.
Овој настан се организираше во рамки на Проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“, што го спроведуваат ИРЕКС и локалните партнери Македонскиот институт за медиуми, Институтот за комуникациски студии и Младинскиот образовен форум, со соработка со Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието.
Ивана Смилевска