Во кичевскиот регион крововите на домаќинствата имаат потенцијал за поставување на речиси 40 мегавати, а во Битола, без околните општини, повеќе од 60 мегавати фотоволтаични системи, пишува Мета.
Можностите за поставување на фотоволтаични системи во Кичевскиот и во Битолскиот регион се големи, особено кај домаќинствата, покажуваат анализите подготвени од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко свест“, во соработка со повеќе домашни експерти.
Според грубите пресметки, процесот на декарбонизација на двата региони зависни од производство на нечиста енергија од фосилни горива би чинел околу три милијарди евра. Сепак, експетите се едногласни дека транзиција кон обновливи извори на енергија е неопходна и мора да започне.
Во проектот се анализирани потенцијалите за искористување на сончевата и ветерната енергија кои покажуваат дека во кичевскиот регион крововите на домаќинствата имаат потенцијал за поставување на речиси 40 мегавати, а во Битола, без околните општини, повеќе од 60 мегавати фотоволтаични системи.
Ова, смета професорот Драган Миновски, укажува дека, доколку земјава навистина сака да постигне праведна енергетска транзиција, мора да овозможи домаќинствата да имаат попривилегирана позиција за поставување на фотоволтаични централи. Посочува дека овој капацитет што потенцијално може да се инсталира нема да предизвика влијанија во дистрибутивната мрежа, која има доволен капацитет да ги прифати вишоците енергија која би се произведувала на крововите од домаќинствата.
„Нашите анализи покажуваат дека исплатливоста на инвестиции во фотоволтаични централи е најголема кај оние домаќинства кои имаат поголема годишна потрошувачка на енергија, на пример над 10.000 киловатчасови. Кај нив повратот на инвестицијата би бил за помалку од десет години. За оние со помала потрошувачка овој период би бил подолг од десет години, што инвестицијата ја прави помалку исплатлива и би било добро во овие случаи да се дадат субвенции“, посочува Миновски.
Тој вели дека она што најмногу ја намалува исплатливоста на инвестицијата е формулата за пресметка на цената на вишокот електрична енергија која би ја произведувале домаќинствата. Доколку се направат промени во неа и новите произведувачи/консументи добијат повисока цена за енергијата која ќе ја предадат во дистрибутивниот систем тогаш овие инвестиции ќе станат многу поинтересни.
Елена Николовска од „Еко свест“ вели дека овие анализи треба се придонесот на граѓанскиот сектор во дискусиите за декарбонизација и енергетска транзиција на Самитот во Тирана. Таа смета дека доколку државата навистина сака да обезбеди праведна транзиција на двата региони, во процесот мораат да бидат вклучени и локалните власти.
„Не гледаме ангажираност на Општините Битола и Кичево во сите процеси, кои се случуваат на национално ниво, во државни тела и институции кои се задолжени за имплементација на проектите и распределба на средствата во висина од 85 милиони евра со таа намена. Претставници на локалните власти мораат да бидат присутни во сите овие тела и да се запонаени со сите активности, но истовремено мораат и тие информации да ги споделат со своите граѓани и да им овозможат и тие да бидат вклучени во процесот“, вели Николовска.