Архитектонскиот факултет при УКИМ – Скопје се уште функционира со скрипти и предлог книги на англиски, германски и други јазици, а во моментот, освен за градежните предмети кои поседуваат сопствена литература, на македонски јазик имаме книга по само еден предмет, се жалат студентите од овој факултет.
Тие преку петиција која ќе биде доставена до факултетот и Министерството за образование и наука, решија да побараат поддршка од граѓаните за да ја добијат потребната литература за студирање.
„Една сериозна институција со 60 години традиција, се уште не успеа да создаде учебници на македонски јазик. Исклучувајќи го професорот Токарев, кој е единствен меѓу професорите, ниту еден друг предмет нема официјална книга на македонски јазик. Исто така, исклучок во образованието на Архитектонскиот Факултет се градежните предмети, кои поседуваат сопствена литература. Оваа иницијатива има за цел, да им ја предочи на професорите и државата, потребата на студентите од македонска литература, која во моментов не постои“, се вели во петицијата.
Според студентите, тие се принудени често да посегнуваат по препишани и прераскажани скрипти, во кои одредени податоци се изменети, погрешни, или недоволни.
„Доволно беше учење од туѓи и стари книги, дополнителни потешкотии со стручни изрази на странски јазици, итн. Доколку сметате дека не можете да напишете, тогаш барем преведете соодветна“, порачуваат студентите од Архитектонскиот факултет во нивната петиција.