Американските власти ја издадоа првата казна за вселенски отпад на ТВ компанија која несоодветно се справила со отпаден сателит.
Компанијата „Диш нетворк“ била казнета 142.000 долари поради „несоодветно де-орбитирање“ на сателитот именуван ЕхоСтар-7, кој бил во вселената од 2002 година, се вели во соопштение на американската Федерална комисија за комуникации.
„Ова е прва казна издадена од страна на комисијата, која ги зајакна мерките за вселенскиот отпад“, додаваат оттаму.
Компанијата била казнета откако го преместила својот сателит на несоодветно место и со тоа предизвикала можна опасност да се оштетат други сателити во орбитата.
Европската вселенска агенција проценува дека моментално има над еден милион парчиња вселенски отпад кои се поголеми од еден центиметар во орбитата на планетата Земја. Парчињата отпад со оваа големина се доволни за да уништат вселенско летало.
Вселенскиот отпад веќе создава проблеми. Во јануари 2022, кинески сателит едвај се размина со парче вселенски отпад на далечина од 14 и пол метри.
Во 2021 година, отпад предизвика петмилиметарска дупка во роботска рака на Интернационалната вселенска станица.