Слободата на интернетот во светот се намалува веќе 13-та година по ред, се наведува во новиот извештај на Фридом Хаус насловен „Репресивната моќ на вештачката интелигенција“.
Според извештајот ситуацијата со слободата на интернетот минатата година се влошила во 29, а се подобрила во 20 земји. Дигиталната репресија се интензивирала во Иран, која оваа година е држава со најголем пад на рангирањето, откако властите го блокирале интернет пристапот, апликациите ВатсАп и Инстаграм, а се засилил и надзорот со цел да се спречат антивладини протести.
Кина веќе 9 години по ред се најде на последното место, како држава со најлоши интернет слободи, а оваа година во овој непопуларен статус се приближи и Мјанмар. Состојбата се влошила и во Филипини, каде претседателот Родриго Дутерте го користел законот за антитероризам за блокирање интернет-страници кои известуваа критички за неговата власт. Истовремено се заканува влошување на состојбата во Костарика, која е во врвот според слободата на интернет, откако на последните избори победи претседател чиј тим ангажирал онлајн тролови за да ги напаѓа најголемите медиуми во земјата.
„Нападите на слободата на изразување станаа позачестени низ светот. Во рекордни 55 од вкупно 70 држави кои се опфатени со извештајот луѓето се соочуваат со правни последици поради нивно изразување онлајн, додека луѓе биле физички нападнати или убиени поради нивни онлајн коментари во 41 држава. Најлошите случаи се регистрирани во Мјанмар и Иран, чии авторитарни власти извршуваа смртни казни врз луѓе кои беа осудени за кривични дела поврзани со онлајн изразување. Во Белорусија и Никарагва, каде заштитата на слободата на интернет пропадна изминатата година, луѓето се соочија со драконски затворски казни поради мислења на интернет, што е главна тактика која ја применуваат диктаторите Александар Лукапшенко и Даниел Ортега во нивните насилни кампањи да останат на власт“, стои во извештајот на Фридом Хаус.
Оваа година извештајот посебно се фокусира и на заканата дека вештачката интелигенција (ВИ) може да ги засили кампањите со дезинформации. Од Фридом Хаус велат дека алатките кои генерираат текст, аудио и слики за брз период станаа многу софистицирани, пристапни и лесни за користење, што предизвикува загриженост за ескалирање на тактиките на дезинформирање. Во извештајот се наведува дека изминатата година овие нови технологии биле применувани од најмалку 16 држави за да предизвикаат сомнежи во јавноста, да ги оцрнат противниците или да влијаат на јавната дебата.
Во овогодишниот извештај на првото место според слободата на интернетот се најде Исланд со 94 поени од максимални 100. На првите пет позиции се уште и Естонија (93 поени), Канада (88), Костарика (85) и Велика Британија (79).
Кина е на дното со само 9 поени, а Мјанмар е претпоследен со 10 поени. Меѓу најлошите пет држави во светот според интернет слободите се уште и Иран (11), Куба (20) и Русија (21).
Целосниот извештај може да го најдете на следниов ЛИНК.