Европската комисија вчера го објави есенскиот повик на иницијативата „DiscoverEU“, преку која 36.000 млади луѓе ќе добијат бесплатна карта за истражување на Европа со воз.
Пријавувањето започна вчера во 12 часот по средноевропско време, а ќе заврши во среда на 18 октомври, во исто време. За да се освои карта за патување, младите треба да се пријават на Европскиот младински портал, и да одговорат на неколку квиз прашања.
Успешните апликанти кои се родени помеѓу 1 јануари 2005 и 31 декември 2005 година ќе можат да патуваат низ Европа до 30 дена во периодот од 1 март 2024 година до 31 мај 2025 година.
Повикот е отворен за апликанти од Европската Унија и од трети земји поврзани на програмата Еразмус+, односно Исланд, Лихтенштајн, Северна Македонија, Норвешка, Србија и Турција.
Комисијата ја лансираше „DiscoverEU“ иницијативата во јуни 2018 година. Таа е интегрирана во програмата Еразмус+ 2021-2027 година. Од 2018 година, повеќе од 1 милион кандидати се пријавиле за 248.000 патни карти.
Според последните резултати од истражувањето по патувањето, 72% од кандидатите изјавиле дека за прв пат патувале со воз надвор од нивната земја на живеење, се посочува во објавата на Европската комисија, и се додава дека за многумина, тоа било и прв пат да патуваат без родители или возрасни придружници, а мнозинството посочиле дека станале понезависни.