По 2017 и 2022 година, стрип книжарницата „Бункер“, по трет пат ќе организира „Ден на бесплатни стрипови“, утре, на 7 октомври.
Од Бункер велат дека во сабота, ќе учествуваат на најмасовниот настан во светот на стрипот – ден во годината кога во специјализираните книжарници за стрипови на посетителите им се делат бесплатни примероци.
Оттаму посочуваат дека по повод денот издвоиле 700 бесплатни стрип примероци, кои ќе бидат достапни во „Бункер“ од 10 до 15 часот, или додека не се потрошат количествата.
„Манифестацијата за првпат се одржа во САД во 2002, а потоа се прошири и во многу други земји. Во првите 6 години поделени се повеќе од 12 милиони бесплатни стрипови во над 30 земји. Целта е промовирање и ширење на стрип-културата“, велат од стрип-книжарницата.
Од„Бункер“ велат дека во понудата е широк спектар на изданија наменети за различни возрасни групи, а во акцијата ќе се вклучат и голем број домашни издавачи и поединци.
„Стриповите ќе бидат делени по принципот ‘прв дојден, прв услужен’, а секој посетител ќе има право да земе најмногу два стрипа од претходно направената листа. Покрај бесплатните стрипови стрип книжарницата Бункер ќе понуди и 30% попуст на целокупниот асортиман“, велат од стрип-книжарницата.
Оттаму додаваат дека годинава во соработка со „Светот на Биби“, еден дел од стриповите ќе бидат подарувани и во нивната продавница во Битола, со што настанот добива регионален карактер.