Во рамки на КРИК – Фестивалот на критичка култура, утре (9 октомври, понеделник) од 19:30 часот во Музејот за современа уметност ќе се одржи промоција на книгата за творештвото на познатата босанска уметница Шејла Камериќ.
Промоцијата ќе биде пропратена со разговор помеѓу уметницата Шејла Камериќ, уредничката на книгата Жива Клајндинст, како и авторките Јасмина Тумбас и Милица Радуловиќ. Воведничарка и модераторка на разговорот е Јованка Попова.
„По минатогодишната изложба на Камериќ ‘Доаѓаме со поклон’, која КРИК и ПРВО ПА ЖЕНСКО заеднички со уметницата ја организираа во Националната галерија – Чифте Амам, оваа година , повторно во соработка помеѓу Контрапунт/КРИК, Тиииит!Инк./ фестивал за феминистичка култура и акција – ПРВО ПА ЖЕНСКО ќе биде промовирана уметничката книга ‘Mother is a bitch/Мајката е кучка’ во авторство на Шејла Камериќ и пријателите, бидејќи за Камериќ најважно е плетењето на пријателските мрежи и наративи кои создаваат амбиент на закрила и взаемна поддршка“, стои во најавата за промоцијата.
Од КРИК велат дека во текот на изминатите 25 години, Шејла Камериќ (р. Сараево 1976 година; живее и работи во Сараево, Берлин и Истра) создаде извонреден број уметнички дела засновани на гестови за самопретставување.
„Тие ја откриваат трајната верност на Камериќ кон темата на автопортретирање и нејзиното неконвенционално разбирање на оваа авто-референтна практика. „Mother is a Bitch/Мајката е кучка“ обединува текстови и слики кои се одразуваат на повеќеслојната практика на Камериќ, следејќи ги двете главни линии во суштината на нејзиното творештво: автопортрети и текстилни дела. Овие уметнички дела се засноваат на сопствените искуства, сеќавања и соништа на Камериќ кои нѐ водат во глобалните простори на раселување и дискриминација. Тие се гледаат низ леќите на родот, трудот, миграцијата, класата и грижата, а проткаени се со испреплетени темпоралности – минатото и сегашноста. Инспирирани од écriture feminine, или „женското писмо“ на Хелен Сиксу – теорија на феминистичката филозофија која комбинира елементи на психоанализа, книжевна теорија и постапка на деконструкција – автор(к)ите на книгата ги сметаат актите на пишување како субверзија на патријархалните императиви“, велат од КРИК.
Посочуваат дека приложените текстови се преплетуваат и проникнуваат, графички и тематски, и се поставени во релација со репродукции на делата на Камериќ, конфронтирајќи теми како што се вештерство, феминизам, саморефлексија, самоистражување и само-експлоатација.