„10 години љубов“ се вика компилацијата со 12 нови и оригинални песни од разни локални (и еден интернационален) музичари и бендови, секоја инспирирана од тема на Galatheia (Галатеја) објавена во изминатата деценија. На изданието има и досега необјавена верзија на нејзината тема, Децата.
„Кога го започна овој проект минатата година, првичната мисла беше некако да ја одбележи 10-годишнината од нејзиното прво издание како соло изведувач во 2012 година. Додека избираа песна, музичарите добија инструкции да се оддалечат од изворниот материјал колку што е можно, со цел да се избегне ограничување на нивниот креативен процес на правење кавери или ремикси во која било смисла“, стои во инфото за изданието, при што е потенцирано дека во него се втемелени дистинктивните карактеристики и звуци на композиторите и музичарите, додека само се позајмувани елементи од нејзината музика.
Курирањето на овој албум, вели таа, во никој случај не беше само „подарок за годишнината“ за себе, туку вистинска прослава на пријателството и заедницата, на напредокот и на непоколебливата љубов да се прави музика – затоа што се чувствува како што треба.
„Пред се’, ова издание е потсетник за важноста на упорноста: да продолжиме да одиме напред заедно, без разлика на се’“, се вели во инфото на „10 години љубов“.
На компилацијата се наоѓаат артисти како Алембик, Леа Карин, Стој, После!, Јоана, Глигор Кондовски, Лепи Џони, Вагина Корпорејшн, Огнен Златанов, Фил Пулео, Светлост, Галатеја, Андреја Салпе и Астриал.
Изданието е продуцирано и курирано од Галатеја, оригиналниот цртеж на коверот е на Теодор Јуруковски, дизајнот на Иван Ивановиќ, а мастерингот на Владимир Агоски.
„10 години љубов“ може да се преслуша и поддржи преку платформата Бендкемп.