Baby G, Electra, DJ Cile, Ex_Urbe, IMANYAM, Jinx, triptowhere и Jana се псевдонимите на женските диџејки чии сетови ќе можат да се слушнат утре, 11 октомври, во локалот „Jazzy“.
Со почеток во 18 часот, во организација на „Тииит! Инк“, диџејките ќе ги претстават вештините научени на работилницата за диџејство „Жени зад пултот“.
„Ова е црешата на шлагот, плодот од посветената работа на 10 талентирани девојки и жени со кои имавме задоволство да го поминеме минатиот месец, кои ги развија своите диџејски вештини со помош на менторката Дијана Димитриевска ака DIAH и менторот Бојан Јанев ака Soul Case“, велат организаторките.
Од „Тииит! Инк“ посочуваат дека во рамки на работилницата, остварена во КСП Центар Јадро и Котур, учесничките ја опфатиле историјата и феминистичката перспектива на клубската сцена со Ивана Драгшиќ, научиле повеќе за опремата која, вежбале на грамафони, CDJs, сѐ со цел заедно да склопат 10 диџеј сетови, секој нов, секој уникатен, секој направен со многу внимание и љубов.
Работилницата за диџејство е организирана во рамки на фестивалот за промоција на феминистичка култура и акција ПРВО ПА ЖЕНСКО.