Правната програма при Фондацијата Отворено општество – Македонија подготви роковник за афирмација на примената на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер. Роковникот кој ја содржи пораката „Да не заборавам: Имам права!“, наменет за активистите за човекови права и за студенти, ќе се дистрибуира бесплатно на обуките и јавните настани кои ги организира ФООМ, како и во ГЕМ клубот (ул. Караорман бб). Може да се добие бесплатно на е-маилот pravo@soros.org.mk.
Имајќи предвид дека особен фокус на правната програма е подобрување на заштитата на човековите права и унапредување на транспарентноста и отчетноста во општеството, ФООМ спроведува кампања за афирмирање на правото на слободен пристап. Од овие причини, ФООМ подготви роковник за претстојната 2014 година во којшто преку цитати, хронологија на настани, квиз и преку обработка на случаи од праксата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, ќе ги запознае граѓаните со правото на пристап до информации. Воедно, роковникот го афирмира правото и преку информативните прилози поврзани со имплементацијата на Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер.
Роковникот „Да не заборавам: Имам права!“ може да се види и на http://www.sendspace.com/file/xtnk9v.