Претставници на Европската Унија испратија предупредување до социјалната мрежа Х (Твитер) дека компанијата служи како платформа за дезинформации и нелегални содржини околу војната помеѓу Израел и Хамас, и дека тоа претставува кршење на Законот за модерирање содржини на ЕУ.
Во писмо испратено до сопственикот на Х, Елон Маск, еврокомесарот за внатрешниот пазар Тјери Бретон вели дека компанијата мора да се придржува до „прецизните обврски во врска со модерирањето на содржини и дека содржините поврзани со конфликтот на Блискиот Исток на платформата досега даваат причина за сомнеж дека овие обврски не се почитуваат, пренесува Си-Ен-Ен.
Бидејќи социјалната мрежа е предмет на Европскиот акт за дигитални сервиси (ДСА), Х се соочува со казна од милијарди евра доколку регулаторите заклучат дека има прекршоци. Х досега нема дадено коментар по ова прашање.
Ова писмо ја потенцира огромната правна изложеност на Х додека компанијата се справува со нов бран на лажни информации и содржини поврзани со овој конфликт – од лажни соопштенија на Белата Куќа, преку измислени новинарски содржини до видеа кои немаат никаков контекст, кои се стари или дури потекнуваат од видеоигри.
Голем дел од овие проблематични содржини се распалени од промените кои ги направи Маск кога дојде на чело на компанијата. Еврокомесарот Бретон во писмото вели дека Х викендов го олесни начинот на кој профилите на мрежата се квалификуваат за исклучоци на важност на вести според правилата на платформата. Со промените, профилите повеќе не мора да имаат минимум 100.000 следбеници за да се квалификуваат за овој исклучок, туку само треба да бидат забележани како корисници од „висок профил“, во кои се вклучени моментални или потенцијални владини претставници, политички партии или кандидати.
„Отстранувањето на лимитот на следбеници и негова замена со стандард на јавна личност остава несигурност какви содржини, особено оние со насилство и тероризам кои циркулираат на платформата, ќе се отстрануваат“, пишува Бретон.
Според ДСА, која стапи на сила за големите платформи во август, компаниите мора веднаш да реагираат кога функционерите ќе означат содржини кои ги кршат европските закони, нешто што Х веројатно не го прави, додава Бретон.
„Од веродостојни извори добиваме информации за потенцијални нелегални содржини кои циркулираат на вашата платформа, и покрај забелешките од релевантните служби. Ве потсетувам дека доколку биде отворена истрага и доколку се пронајдат прекршоци ќе следуваат казни“, наведува тој до писмото адресирано до Маск.
Во вторникот истражувачката новинарска група Белингкет објави дека на социјалните мрежи циркулира лажно видео кое е направено така да изгледа идентично како извештај на Би-Би-Си Њуз. Во видеото лажно се тврди дека Белингкет нашле докази дека Украина доставувала оружје на Хамас. Според основачот на Белингкет, Елиот Хигинс, тврдењата во ова видео се целосно неточни.
Сепак, во обид да го направат видеото да изгледа како вистинска вест од Би-Би-Си, креаторите искористиле речиси ист дизајн кој го користи Би-Би-Си во своите онлајн видео извештаи.
Ова видео, кое првично циркулирало на Телеграм, било споделено на Х од најмалку еден верифициран кориснички профил. Х ја нема отстрането оваа содржина, туку има поставено мало известување под видеото дека станува збор за манипулирана медиумска содржина.