Во пресрет на Денот на народното востание и патрониот празник, учениците со образовни потешкотии во основното општинско училиште „11 Октомври“ добија нова и комплетно опремена сензорна соба која е донација од компанијата „ВЕРО“, соопштија денеска од Општина Центар.
Сензорната соба, како што посочија е опремена со сензорна светлечка маса, светлечки листови и бројки, сензорни влакна, пректор со диск, базен со топчиња, лулашка и слично, кои ќе го подобрат совладувањето на наставните содржини.
„Вложувањето во инклузивното образование има огромен бенефит за вклучување на сите деца во образовниот систем. Сензорната соба која ќе им биде достапна на дечињата од ова училиште е уште еден чекор кон исполнувањето на нашата образовна цел, а тоа е нивна целосна инклузија во образованието“, изјави градоначалникот Горан Герасимовски на отворањето на сензорната соба.
Предноста на оваа сензорна соба, како што додаде Герасимовски е тоа што можат да ја користат деца кои немаат вербална комуникација, но исто така може да се користи и во ситуации за намалување на вознемиреност, развојни потешкотии и слично.
Сензорната соба е наменета за околу 20 ученици од основното училиште „11 Октомври” и таа ќе биде во функција додека се изведува воспитно-образовната настава.
Во моментов во Општина Центар функционираат сензорните соби во ООУ „Киро Глигоров“, „Гоце Делчев“, „Ј.Х. Песталоци“, „11 Октомври“, „Кочо Рацин“, и училиштето „Кирил и Методиј“, посочија од Општина Центар.