Македонската пејачка Зарина Првасевда е изгласана за најдобар нов талент на „UPBEAT“, првата европска платформа на шокејс фестивали.
„UPBEAT“ платформата е поддржана од организацијата „Хангвето“ од Будимпешта, а наградата става фокус на најдобрите европски претстојни артисти, со тоа што имаше 10 номинирани кандидати во категоријата, а потоа преку јавно гласање на ниво на Европа беше избрана Првасевда.
„Како награда за оваа победа, таа добива снимање на видео со ‘Ла Блоготек’ во нивното славно ‘Take Away Show’ и настап на енергичната и единствената ПИН музичка конференција и шоукејс фестивал, која ќе се одржува од 30 ноември до 2 декември во Скопје“, соопштуваат од „Пасворд продукција“.
Од таму објаснуваат дека платформата „UPBEAT“ ја лансирала наградата за да го нагласи значењето на уметниците во подем и музичкото богатство задушено од генеричката поп култура.
Зарина Првасевда свири и македонска и светска традиционална музика. Таа има соработувано со артисти ширум светот, а исто така има работено и на филмски проекти.
„Балансирајќи го своето раскошно наследство со автентичното самоизразување, Првасевда го пронајде сопствениот глас на нејзиниот деби албум ‘Ехо’. Нејзината вокална техника е вкоренета во источноевропските и ориенталните традиции, кои ги комбинира со инструментален и ритмички диверзитет. Со срдечен и свеж поглед кон македонското наследство, ‘Ехо’ содржи единаесет традиционални песни на четири различни јазици“, велат од „Пасворд“.
Како уметник кој не го ограничува својот ангажман со музиката, Зарина е позната и по тоа што се приклучи на напорите Шар Планина да се прогласи за национален парк.
„Доаѓајќи од мала држава, патот до видливоста е несомнено потежок, но мојата верба, труд и напорна работа, благодарение и на поддршката од страна на платформите како што е UPBEAT кои успеваат да ги воочат, на крај се исплатат. Оваа награда е големо достигнување за мене и за мојата држава. Благодарение на сите добри луѓе кои гласаа, благодарение на UPBEAT, ние одиме напред со уште повеќе музика која ја топли душата, онаа која се размножува кога ја споделувам“, изјави Зарина Првасевда.
Инаку, покрај Зарина Првасевда како победник, и номинираните кандидати кои со гласањето влегоа во потесниот круг, исто така ќе добијат поддршка од платформата и нивниот кариерен пат ќе биде менториран од истакнати музички професионалци.
Номинираните кандидати за наградата на Најдобар Нов Талент на UPBEAT за 2023 се:
Дева (Деvа) – Унгарија, Дуо Руут (Duo Ruut) – Естонија, Ердофу Бенд (Erdőfű Band) – Унгарија, Jулија Козакова (Júlia Kozáková) – Словачка, Ленхарт Тејпс (Lenhart Tapes) – Србија, Магали Саре и Манел Фортиа (Magalí Sare & Manel Fortià) – Шпанија / Каталонија, Перија – Северна Македонија, Суоно Дaјере (Suonno D’Ajere) – Италија и Вернихора (Wernyhora) – Полска.