Културни настани во Демир Капија за прогласување на локацијата за заштитено подрачје

Од визија до реалност: „Демир Капија заштитено подрачје“, е првиот од низата културни настани на со кои јавноста ќе има можност да се запознае со иницијативата за прогласување на Демир Капија за заштитено подрачје, со што би се обезбедила активна заштита на Демиркаписката клисура и долниот тек на реката Вардар со нејзините притоки.

Настанот го организираат „Еко-свест“ и Општина Демир Капија и ќе се одржи утре (14 октомври), во Градскиот парк во Демир Капија, со почеток во 14 часот.

Настанот ќе биде отворен со изложба на фотографии од природните убавини на Демир Капија. Потоа следува свечено отворање и вовед во иницијативата „Заедно за реките“, и најава на следни активности во процесот на прогласување на заштитено подрачје. Во вечерната програма ќе се одржат концертите на групата „Љубојна” и „Летечки пекинезери”.

Иницијативата „Заедно за реките“, има за цел да заштити повеќе од 400 километри реки низ регионот. Иницијативата ја покрена меѓународната организација за заштита на природата „The Nature Conservancy“, а партнери се Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест “од Македонија, Центарот за заштита на животната средина и здруженијата „Динарика“ и „Нови вал“ од Босна и Херцеговина, „Еко-тим“ од Црна Гора, и Еколошкото друштво „Рзав“ од Србија.

Во рамките на оваа иницијатива „Еко-свест “, во соработка со Општина Демир Капија и Министерството за животна средина и просторно планирање, ја започна постапката за репрогласување на Демиркаписката Клисура за заштитено подрачје, со што ќе се обезбеди активна заштита на дел од долното течение на реката Вардар и нејзините чисти и недопрени притоки.