Збирката поезија „Ноќта сѐ знае“ од Викторија Ангеловска ќе биде промовирана во среда во галеријата на Младинскиот културен центар – Скопје.
Станува збор за втората стихозбирка на младата поетеса. Промоцијата ќе започне во 20 часот, а промотор е Јулијана Величковска која за книгата вечи дека е поетска „брејкап плоча“.
„Книга што говори за ноќта што ги осветлува нашите мрачни страни, за ноќта пред која нема маски, ноќта што знае сѐ за нас: нашите болки, нашите трауми од детството, нашите љубови и нашата немоќ да одржиме здрави врски со себе и со другите… но и покрај тегобната атмосфера што ја градат стиховите, сеприсутна е детската нежност, наивност и желбата постојано да си ги преуредуваме нашите внатрешни ѕидови во обид на скршеното да му се даде некаква смисла, некаква суштина“, истакнува Величковска.
Книгата е во издание на „ПНВ Публикации“, а е поддржана од Министерството за култура.
Викторија Ангеловска студира на Катедрата по македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, Скопје. Авторка на стихозбирката „Станица 15“ (ПНВ Публикации, 2018)
Учествувала на интернационалниот поетски фестивал „Стих у регији“ во Загреб, Хрватска и на повеќе поетски читања во земјава. Нејзини песни се преведени на хрватски јазик и објавени во списанието „Поезија“ и во хрватската антологија на современата македонска поезија „Pronađena riječ“ („Пронајден збор“, 2023, ХДП).