126 израелски заложници се држат во Газа, соопшти израелската војска. Според нивните информации, најмалку 279 војници се убиени од 7 октомври досега, кога милитантната група Хамас организираше изненадувачки воен напад врз Израел.
Израелската војска во петокот даде временски рок од 24 часа за евакуирање на 1,1 милион или половина од вкупниот број жители на Појасот Газа. Предупредувањето дојде додека Израел се подготвува за теренска офанзива на Газа со војска, тешка артилерија и тенкови кои се распоредуваат на границата со регионот.
Утринава се отвори патот за евакуација на Палестинците во Газа кои од северот треба да се движат кон југот, односно од Беит Ханун да одат кон градот Кан Јунис. Според налогот евакуацијата требаше да се одвива меѓу 10 и 13 часот по локално израелско време. Во меѓувреме Хамас им порача на Палестинците да ги игнорираат наредбите на Израел.
Според дописите на „Би-Би-Си“, израелските трупи се доближуваат до границата, а сѐ уште не може да се каже кога точно ќе започне нападот.
По реакцијата на Обединетите Нации дека вакво раздвижување на населението е невозможно без огромни хуманитарни последици и апелот да се повлече одлуката за да се избегне катастрофа, предупредување стигна и од Светската здравствена организација (СЗО).
СЗО ја осудува наредбата на израелската војска да се евакуираат 22 болници во северниот дел на подрачјето Газа во кои се лекуваат 2.000 луѓе.
„Присилувањето на 2.000 пациенти да се преселат во јужниот дел на Газа, каде здравствените установи веќе работат со максимален капацитет и не се способни да примат драматичен пораст на бројот на пациенти, може да биде еднакво на смртна казна. СЗО го повикува Израел веднаш да ги поништи наредбите за евакуација во северниот дел на Газа и повикува на заштита на здравствените установи, работници, пациенти и цивили“, се вели во реакцијата на СЗО.
Марк Регев, виш советник на израелскиот премиер ги отфрли критиките на хуманитарните организации дека некои од дејствијата на Израел може да претставуваат воени злосторства.
Шефот на британската дипломатија, Џејмс Клеверли на прашањето дали Велика Британија ѝ дава „зелено светло“ на израелската влада одговори дека Хамас е виновен за страдањето на Палестинците во Газа.
Сепак тој рече дека е загрижен за бројот на смртни случаи во Газа, особено пред секоја израелска копнена операција.
Во нападот на Хамас врз Израел беа убиени над 1.300 луѓе. По ова Израел ги исклучи струјата и водата во Газа и го бомбардираше подрачјето при што настрадаа повеќе од 2.300 луѓе.