„Префрлање на одговорноста (II): Од точка А до точка Б“ е новата уметничка студија на Сашо Станојковиќ која преку самостојна изложба ќе биде претставена на јавноста утре (17 октомври) во Културно-социјалниот простор Центар Јадро.
Станува збор за проект кој ги истражува причините за доцнењето на завршувањето на споменикот „Сончев часовник“.
„Во 2015 година, неколку организации иницираа и нарачаа споменик кој треба да биде посветен на Евреите кои живееле во Битола до 1943 година, но биле депортирани и убиени за време на Холокаустот – во концентрациониот логор Треблинка. Уметникот Мати Грунберг – Израелец роден во Скопје – создаде споменик во облик на огромен сончев часовник изработен од железо обоено во жолто. Но, и покрај првичната одлука споменикот да се постави на постамент на Еврејските гробишта во Битола, тој не е поместен од првобитната локација во фабриката ‘ПЕТ’ по неговото завршување во 2018 година“, се вели во описот.
Уметникот за овој проект го интервјуирал авторот на споменикот, Мати Грунберг и паралелно ги прашал и инволвираните институции и поединци зошто беше потребно толку долго да се признае спорното минато на прво место.
„Сè уште опседнувачкото прашање е зошто се покажа толку тешко да се премости растојанието од само еден километар помеѓу местото на изградбата на споменикот и неговата замислена дестинација. Од добиените одговори не можеше да се изведе јасен заклучок за одговорноста за доцнењето. Затоа, важно е да се фрли повеќе светлина на случајот по патувањето на уметникот низ лавиринтите на различни институции и на крајот да се иницира поставувањето на споменикот на веќе завршениот пиедестал“, пишува во најавата за изложбата.
„Префрлање на одговорноста (II)“ е продолжение на првиот дел од истоимената изложба која претстави колоритна и дискурзивна архива на остатоците од Шарената револуција. Проектот се однесуваше на критичките повици за преиспитување на распространетите и конзервативни дефиниции за спомениците и ги оспори вообичаените претпоставки и услови тие да припаѓаат на листата на заштитени споменици.
Насловот на двата проекти на Станојковиќ, како што се вели во најавата, произлезе директно од недостатокот на преземање целосна одговорност, од една страна, и од прекршувањето на должноста и префрлањето на одговорноста на институциите, од друга страна.
Сашо Станојковиќ е самостоен уметник од Скопје. Неговите партиципативни истражувачки проекти и изведби се базирани на инструкции и се занимаваат со групи или заедници на луѓе кои се собираат околу нивните заеднички интереси во уметноста, естетиката и етиката. Тој користи различни медиуми, жанрови и методи како што се сликарство, фотографијата, видеото, перформансот, партиципативно истражување и друго.
Неговите проекти вклучуваат To Whom It May Concern – дел од самостојната изложба на Дејвид Медала, курирана од Гај Брет во ICA – Лондон, 2005 година, Правда во фокусот (2004–2007), Простор за протест (2007–2012) и Префрлање на одговорноста (2018). Станојковиќ учествувал и на изложбите „Секогаш веќе Апокалипса“ (Културен центар Јилдиз, 1999) и „…и…“ (Воен музеј, 2003), двете одржани паралелно со биеналето во Истанбул, во SIKB(R)“ – „Јужно меѓународно уметничко биенале“ (Р), Стокхолм, 2003 година и на Октомвриски Салон, Белград (2008).
Отворањето на изложбата ќе биде во 20 часот.