Од Здружението кое ги потпомага талентирани ученици, „Бистри умови“, информираат дека од ноември ќе започне со бесплатни онлајн курсеви по математика, односно информатика и програмирање за почетнци.
Оттаму посочуваат дека предавањата ќе се одржуваат за време на викендите, а се наменети за ученици од четврто до деветто одделение, со посебна програма за секое одделение.
„За часовите по програмирање нема одредена возраст и истите може да ги посетуваат сите кои имаат желба да се запознаат со програмирањето и да научат како да програмираат. Одреден број на ученици нема, бидејќи часовите ќе бидат достапни за сите преку линк кој ќе биде дополнително објавен на веб страната на Бистри умови, на Linkedin, и Facebook“, велат од „Бистри умови“.
„Бистри умови“ досега се организатори на еднонеделени подготовки за информатичарите кои ја претставуваат Македонија на меѓународните олимпијади во Хотел Брана Градче во Кочани, собирање на донации за учениците за меѓународните олимпијади по информатика, како и собирање за донации на Јуниорска Балканска олимпијада по информатика да се одржи во Македонија, а сега почнуваат и со бесплатни онлајн часови по математика и информатика.
„Мислата на членовите на ‘Бистри умови’ е чиста, а целта е јасна – македонските ученици заслужуваат да добијат помош, знаење и надоградување, бидејќи имаме доста талентирани ученици на кои им фали само малку за да си го претстават својот талент“, посочуваат од Здружението.
„Бистри умови“ – бесплатно менторирање на талентирани ученици по математика, информатика и физика